МВР ќе преземе мерки против Љупчо Андоновски за настанот во „Боемска“


МВР изминатите денови беше на висината на својата задача. Со контролите што ги спроведовме покажавме дека здравјето на граѓаните е најважно, порача денес министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Нападите околу неговата работа изминатите денови тој ги препиша на обидите за  политичка дискредитација од страна на владеечката партија и на нејзината грижа само за сопствениот рејтинг.

-Бројките на спроведени контроли и изречени казни  говорат за обемна работа и висока посветеност од страна на МВР. И, место таа да биде валоризирана, полицијата е злоупотребена во политички цели од страна на власта. Апелирам сите да се воздржат од неосновани напади кои и нанесуваат штета на полицијата. Свесен сум за револтот на граѓаните поради мерките, но треба да се свесни дека се носат во интерес на нивното здравје, порача министерот.

Тој неколкупати потенцираше дека негов став е дека МВР во сите свои постапки треба да функционира според принципите на професионалност, законитост и  неселективност, и дека тој тоа го спроведува.

-Грешки и пропусти има и тие се дел од работењето, но лошо е кога се случуваат како резултат на партиски опструкции, се пожали Чулев.

Притоа тој објасни дека е исклучива надлежност на Бирото за јавна безбедност раководено од Сашо Тасевски  да го контролира спроведувањето на мерките, бидејќи тој како прв во МВР не може да каже кои полициски сили каде конкретно да извршуват задачи или колку од нив да извршуваат задачи во одреден регион.

-Во телеграмата упатена до полициските службеници од страна на БЈБ јасно стои дека тие можат да постапуваат само по задачи издадени од него, се оградуваше Чулев, без да го спомене воопшто случајот „Боемска“ и името на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање, сепак, дали ќе биде казнет неговиот советник, Љупчо Андоновски, затоа што не бил во соостојба, како што тврдеше, да ги следи и почитува мерките за ограничено движење поради корона вирусот,  Чулев одговори дека, без оглед дали се работи за полициски припадник,  МВР неселективно ќе ги применува законите и одлуките на Владата и во соодветниот случај ќе бидат преземени соодветни активности.

Дали ќе има одговорност за случајот „Винотека“, беше следното прашање, на кое Чулев одговори дека снимките во моментов се анализираат и во најкраток период ќе се излезе со наодите и врз основа на тоа ќе се утврди одговорност за правното лице.

Запрашан за која цел портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски ја користел дозволата за движење во полициски час и дали причина за неа биле „работни обврски со неговата вереница во Струмица“, Чулев рече:

-Арсовски располагал со валидна дозвола за движење. МВР не издава такви дозволи, туку Министерството за информатичко општество и други тела. Сите правни субјекти кои имаат работни обврски самите си издаваат дозволи на своите вработени, а МВР проверува само дали се оригинални или не. Нема службена забелешка од страна на МВР дека лицето се однесувало дрско или навредливо.

Сепак, Чулев забележа дека бројот на издадени дозволи е енормно голем. Дали,пак,  Арсовски бил следен од параполиција, беше следното прашање, на што Чулев одговори дека тој бил легитимиран од полициски службеници во Струмица, но не  стигнала пријава од него дека е следен или дека бил неовластено легитимиран.

Инаку, од четвртокот од 21 часот до денеска на територијата на целата држава, МВР регистрирала вкупно 5.397 прекршувања на полицискиот час, а најголем дел – 340 се на територијата на СВР Скопје.

За непочитување на уредбата за носење лична заштитна опрема констатирани се 1.777 непочитување и тоа, како што рече Чулев, најмногу во СВР Струмица, каде има 417 непочитувања и на територијата на СВР Охрид 356. Вкупно досега за неносење заштитна лична опрема има 8.188 непочитувања.

Изминатиот викенд во соработка со Државниот инспекторат извршени се 1.543 контроли во угоститлески објекти  и регистрирани 22 непочитувања, од кои 18 на територија на СВР Охрид и четири на СВР Струмица.Според Чулев, издадени се 1.648 решенија за изолација и 584 за самоизолација. МВР извршило 8.701 контрола на самоизолација и изолација.