МВР ќе изнајми возила за иста сума колку што чинат


 

Министерството за внатрешни работи преку оперативен лизинг изнајмува 9 возила од две автомобилски компании за кои за 3 години ќе треба да плати речиси 307.000 евра и потоа ќе треба да ги врати. Во просек, за тие 36 месеци, Министерството ќе плати по 35.000 евра за возило, сума која е приближно иста со основната цена на возилата, без дополнителната опрема, доколку ги купи од автосалон и станат сопственост на МВР. Возилата се за Бирото за јавна безбедност, а во нив ќе се возат ВИП-личности, делегации и гости.

Договорите се склучени на крајот на јули, а тендерот го добиле компаниите „Порше лизинг“ и „Еуроимпекс“. „Порше лизинг“ за сума од 247.000 евра треба да изнајми 7 патнички возила марка „шкода суперб амбишн“, кои МВР ќе ги користи во наредните 36 месеци и ќе ги врати. Или, Министерството ќе плаќа месечно по речиси 1.000 евра по возило или околу 35.000 евра за три години. Притоа, договорот предвидува дека полицајците за тие три години треба да поминат до 100.000 километри, а секој нареден километар Министерството ќе го плаќа дополнителни 17 денари.

Договорот, пак, со „Еуроимпекс“ е вреден речиси 60.000 евра, кои МВР треба да ги исплати на компанијата за тригодишно изнајмување на две комбиња од моделот „пежо травел“. Или месечно, за лизингот МВР треба да плаќа по 1.200 евра за комбе. Со овој договор доколку полицајците извозат повеќе од 100.000 километри за трите години, Министерството ќе треба да плаќа по 30 денари за секој нареден километар.

 

МВР: Цените на изнајмените возила се реални

Од МВР велат дека цените на изнајмените возила се реални. Возилата морале да ги изнајмат бидејќи пропаднал претходниот тендер со кој сакале да ги купат. А возниот парк на „обезбедувачите“ бил стар и небезбеден.

„Оваа набавка се спроведува со цел да се обезбеди непречено и професионално работење на Одделението за обезбедување на странски делегации и учество на манифестации (превоз на делегации и гости, како и определени ВИП-личности). Неговиот постоен возен парк е стар и небезбеден и не е во состојба да одговори на потребите на секојдневното работење на ова одделение односно може да настанат несакани последици“, појаснуваат од МВР и додаваат:

„Согласно направеното истражување на пазарот за овој тип набавка, а поаѓајќи од фактот што за истиот предмет претходно е спроведена постапка за јавна набавка со опција за купување на возила на месечни рати, која заврши со поништување на постапката бидејќи немаше ниту еден понудувач, од страна на економските оператори беше побарано да се плати учество за возилата согласно услугите за финансиски лизинг или кредитирање. Според планот за јавни набавки и буџетот на МВР, како оптимална опција се спроведе постапка за услуги за изнајмување на возила по пат на оперативен лизинг, со што се одговори на потребите за непречено и професионално работење на Одделението за обезбедување на странски делегации и манифестации. Што се однесува до понудените цени за овој тип и предмет на набавка, вредноста на набавката е со реална пазарна вредност и по истекот на договорот за оперативен лизинг, МВР има право да ги откупи возилата кои се предмет на оваа набавка“, велат од МВР.

Од Министерството потенцираат дека со изнајмувањето добиваат бесплатен сервис и одржување на возилата, но и бесплатна замена на зимски и летни гуми за три години. Тие нагласуваат дека седумте патнички моторни возила, покрај техничките карактеристики наведени во спецификацијата, поседуваат минимум еуро 6 или негов еквивалент, електронска програма за стабилност на возилото ESP, систем за автоматско одржување на растојанието до возилото напред, систем за автономно сопирање при ризик од фронтален судир на мали брзини и др. Додека двете комбиња, покрај техничките карактеристики наведени во спецификацијата, имаат минимум еуро 5, електронски систем за стабилност, систем против пролизгување, старт-стоп систем, минимум 1+8 седишта, наменето за транспорт на повеќечлени делегации. „Во текот на траењето на гаранцискиот период од три години (поминати 100.000 километри), вклучено е целосно сервисно одржување на возилата, како и бесплатна промена на пневматиците за секоја сезона во периодот од три години “, одговорија од МВР.

 

МВР за закуп ќе плати колку основните верзии на автомобилите

 

Цените на „шкода суперб амбишн“, какви што изнајмува МВР во автосалон во земјава, изнесуваат околу 35.000 евра без дополнителна опрема. А МВР само за изнајмување за три години ќе треба да плати по околу 35.000 евра по автомобил и да ги врати. Додека комбињата од моделот „пежо“ во автосалон чинат од 30.000 до над 46.000 евра.

 

Поради „техничка грешка“, граѓаните ќе платеа 27.000 евра повеќе

„Инбох7“ откри грешка во договорот на МВР склучен со „Еуроимпекс“ за набавката на двете комбиња „пежо“ со која граѓаните ќе платеа уште еден автомобил, или 27.000 евра повеќе за оваа набавка за изнајмување на возилата. Но, откако математиката на „Инбох 7“ покажа дека математиката на МВР во веќе потпишаниот договор со компанијата е погрешна, Министерството ја исправи грешката преку анекс на договорот.

Имено, според вкупната сума од договорот за изнајмувањето на двете комбиња која е 59.777 евра, МВР треба да плати по 29.888 евра по комбе за три години. Но збунувачка беше месечната сума која треба да ја исплаќа по возило која во договорот е наведено дека изнесува 74.340 денари со ДДВ, што ако се помножи со 36 месеци излегува дека, сепак, МВР ќе треба да плати по 43.516 евра за три години за едно возило, или вкупно 87.000 евра, а не 60.000 евра или по речиси 30.000 евра како што покажува вкупната сума на склучениот договор. Од МВР откако ги почекавме неколку денови, одговорија дека направиле „техничка грешка“ и ја исправиле со анекс на договорот.

„Ве известуваме дека во член 4 од договорот е направена техничка грешка и истата е коригирана со анекс на договор каде што член 4 гласи: Месечниот износ на лизингот за едно возило (патничко моторно возило) комби изнесува 51.059,65 со пресметан данок на додадена вредност“, одговорија од МВР.

 

Полицијата со „најбогат“ возен парк

Јавноста бурно реагираше за набавките преку оперативен лизинг на неколку државни институции. Експертите реагираа дека треба да се води сметка дали преку ваквите набавки наменски се трошат парите на граѓаните.

„Што е поефикасно – да ги купите и да ги задржите како свои или да ги земете под лизинг и да ги вратите. Принципите на ефикасност и економичност мора да се почитуваат во јавните набавки. Тоа се главните принципи при јавните набавки“, изјави Вања Михајловска, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Службата за општи и заеднички работи на Владата минатата година преку оперативен лизинг изнајми 45 возила за кои треба да плати 1,7 милион евра. Образложението од Владата беше дека било поевтино да изнајмуваат отколку да купуваат возила бидејќи многу пари трошеле за одржување на возниот парк. Претпријатието, пак, кое немаше за плати на своите вработени, АД „Водостопанство“ во државна сопственост, на почетокот на годинава изнајми 15 возила за кои за пет години ќе плати 417.000 евра. Пресметките на медиумите покажаа дека ако ги купеше возилата претпријатието ќе платеше 270.000 евра или 150.000 евра помалку отколку што ќе плати за да ги изнајми и да ги врати. Иако за ова набавка се заинтересира и Обвинителството и Антикорупциската комисија, оттаму сè уште нема никакви информации дали ќе се покрене некаква постапка.

Инаку, основната разлика помеѓу финансискиот и оперативниот лизинг е во тоа што финансискиот лизинг е финансирање на купувањето, во случајот автомобили, односно корисникот на лизинг станува сопственик со исплатата на последната лизинг рата. Кај оперативниот лизинг – закуп, што го користат државните институции и во случајов МВР, возилото се дава на користење како рентакар. По завршувањето на закупот, возилото се враќа кај закуподавецот, во случајот автомобилските компании.

Инаку, МВР досега секогаш купувало возила, а ова е првпат да изнајмува. Така, годинава во април Министерството купи 10 возила за транспорт и брзо распоредување од марката „фиат дукато“ за кои плати 287.000 евра. Претходната влада, пак, во јуни 2016 година, купила 45 теренски возила за кои платила 619.000 евра.

Предметот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство ја опфати набавката на 300 возила за МВР со која буџетот е оштетен за над 450.000 евра бидејќи не била избрана најевтината понуда, предмет за кој поранешниот заменик-министер во МВР, Ѓоко Поповски, ја отслужува затворската казна.

Од МВР не одговорија на нашето прашање со колку возила располага Министерството. Но, според истражувањето на „Центарот за граѓански комуникации“, МВР располага со најбогат возен парк од 1.559 возила или поседува 70 проценти од сите возила во министерствата.

Александра Филиповска