МВР и ОБСЕ заедно работат на професионализација на полицијата


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која денеска, во Полицискиот центар за обука „Идризово“, ја промовираа новата компјутерска опрема вредна околу 95 илјади евра. Таа се состои од лаптоп компјутери и техничка опрема кои ќе помогнат во унапредувањето на онлајн-наставата и учењето наменета за Центарот за обука на МВР.

Министерот Спасовски истакна дека во изминативе години Мисијата на ОБСЕ, партиципирајќи во проекти од полициското и институционалното работење на Министерството, се етаблира како исклучително важен и лојален партнер на МВР, кој помогнал во развојот на македонската полиција.

-Исклучително ме радува фактот што заеднички реализиравме многу успешни проекти во речиси сите области клучни за квалитетното и ефикасно полициско и безбедносно функционирање, почнувајќи од креирање и стандардизирање на нормативни основи и рамки, преку организационо-оперативното реструктуирање, па сѐ до техничко и образовно модернизирање и сообразување на Министерството, согласно потребите на актуелните општествени, регионални и глобални предизвици и трендови, потенцира Спасовски.

Тој истакна дека заедничката цел, како зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасност на МВР за спроведување на стратешки реформи, зголемување на професионализацијата и подобрување на полициското образование и обука, денес добиваат силен аргумент и потврда.

-Денеска МВР, односно осумте сектори за внатрешни работи како и четирите регионални центри за гранични работи добиваат вредна техничка донација за опремување на 12-те регионални едукативни кабинети за онлајн-учење, со што заедно со мисијата на ОБСЕ го заокружуваме тригодишниот процес на формирање компјутеризирани училници во секој од секторите за внатрешни работи, како и во регионалните центри за гранични работи што ќе бидат поврзани со идентична таква училница во Центарот за обука, рече министерот, додавајќи дека сето тоа е во рамки на концептот за мешан пристап на учење кој ги обединува обуките во училица и онлајн учењето.

-Со денешнава донација на нашите пријатели – Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија– вредна речиси 95 илјади евра практично ни се овозможува да продолжиме ги јакнеме капацитетите во создавање неопходни рамковни услови и обезбедување техничка опрема за полицискиот децентрализиран систем за обука, преку интегрирањето на Е-учењето во својот систем за обука, приближувајќи се така уште еден чекор поблиску до новите модерни трендови и стандарди на полициското функционирање, посочи министерот Спасовски.

Тој на крај уште еднаш ја потенцираше важноста на соработката со ОБСЕ во следниот заеднички чекор Стратегија за обука и развој на вработените во МВР 2022-2024 и уште еднаш се заблагодари на мисијата на ОБСЕ за доследната кооперативност.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која во своето обраќање истакна дека Мисијата на ОБСЕ долго време е еден од најблиските партнери на МВР во градењето на неговите капацитети и дека веќе од 2018 година, со одлука на министрите за надворешни работи, ОБСЕ како партнер се вклучува и во дигитализација на обуката на МВР.

-Пандемијата со Ковид-19 креираше нужна и итна потреба за развој на онлајн-учењето и обуките. Иако онлајн-учењето бара инвестирање во старт, сепак, во иднина ќе креира и заштеда на време и трошоци, а ќе стимулира и нови начини на учење и професионална автономија во работењето, нагласи амбасадорот Која .

Според амбасадорот на ОБСЕ, Стратегијата за обука, развој и градење на капацитетите на МВР 2022-2024, која беше донесена ова лето, го надградува системот на обука и учење и го планира развојот на новиот систем на дигитално и онлајн учење.

-За да осигураме одржливост во потребите за учење и унапредување на полициските капацитети со дигитално учење, нашата поддршка ќе продолжи и во следните години. Со дополнителни средства планираме да отвориме повеќе тренинг соби или да создадеме врвна техничка училница овде во Тренинг центарот во Идризово, истакна амбасадорот Која.