МВР и МПС почнаа кампања за улогата на полицијата во заедницата


 На Градскиот плоштад во Куманово денеска почна заедничката кампања на Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат – „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, која има за цел доближување до граѓаните за суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата, важноста од градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, но и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет.

Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ почнува истовремено во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните четири викенди низ поголем дел од државата. Преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните од страна на полициски службеници ќе биде одблиску презентирана улогата на полицијата во заедницата.
 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на промоцијата потенцираше дека полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството има една од најважните улоги во државата и заедницата.

-Таа го гарантира редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите. Полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескромпромисна борба со сите криминогени појави во општеството, истовремено преземајќи и превентивни мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, го заштитува уставниот поредок и почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и, секако, обезбедува граѓански услуги, потенцираше Спасовски.

 

Спасовски истакна дека сите сериозни реформи и материјално технички унапредувања кои се реализираа последниве неколку години во МВР се со цел градење полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и работното мото под кое МВР функционира е „МВР за граѓаните“.

-Факт е дека граѓаните најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат во заедницата во која живеат, а полицијата е секогаш првиот пријател во неволја. Оттука, заедничкото работење меѓу полицијата и локалното население е круцијално за идентификување на проблемите, поставување на приоритети и решавање на современите предизвици на локалната заедница поврзани со криминал, социјални и физички нарушувања. Притоа, активно соработуваме со единиците за локална самоуправа, посебно Локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани, што ќе овозможи заедничка одговорност при решавање на проблемите, рече Спасовски, додавајќи дека ќе се продолжи со преземање мерки за континуирано етаблирање на видлива и приемчива полиција, која ќе има слух за грижите на граѓаните и ќе одговори на потребите на заедницата, ќе биде отчетна и транспарентна во своите активности.

Според министерот Спасовски, досегашните напори беа наградени со висока доверба од страна на граѓаните, драстично зголемена од порано, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата.

-Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5 проценти во 2016, во 2022 достигна високи 91.7 проценти, што претставува скок за 32.2 проценти, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност. Затоа и решивме да ја спроведеме оваа кампања по сите сектори за внатрешни работи во државата, и на овој начин уште повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, преку концептот „Полицијата и граѓаните“, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме, порача министерот Спасовски.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев истакна дека со започнувањето на оваа кампања сакат да се испрати порака дека полицијата постои за да биде сервис на граѓаните, да одржува побезбедни средини за живот на граѓаните, средини во коишто граѓаните ќе се чувствуваат посигурни и максимално заштитени.