МВР го истражува паралелниот увоз на лекови во веледрогеријата Пановски

Полициски инспектори од одделот за борба против организиран криминал и корупција на МВР претпладнево се во веледрогеријата Пановски со налог за наоѓање и одземање на документација за увоз на лекови.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал  потврдуваат дека има акција, но дека е дел од предистрага за предмет кој во Обвинителството е отворен претходно, а се однесува на  паралелен увоз на лекови.

Веледрогеријата АД „Д-р Пановски“ ги охрабрува сите надлежни институции да ги проверат и до крај да ги расчистат сите околности во врска со барањето за обезбедување и достава на документација за периодот до 2017 година, кое уредно го примила и согласно кое постапува, соопшти денеска компанијата.

– Имаме разбирање дека темата за „паралелен увоз“ веќе со години на периоди ја бранува јавноста и затоа сметаме дека треба конечно да се стави крај на сите дилеми поврзани со законитоста на набавките и квалитетот на лековите. Го почитуваме интересот на медиумите, но немаме намера да изнесуваме детали за да не им попречуваме на надлежните институции да ги преземат сите неопходни дејствија. Дел од сензационалните вести кои имаат за цел да го нарушат угледот на веледрогеријата АД „Д-р Пановски“ не можат да влијаат на фактите дека работиме исклучиво согласно позитивните законски прописи – велат од компанијата.

Покрај веледрогеријата Пановски со истрагата се опфатени и други веледрогерии увозници на лекови.  Истражните органи ги проверуваат сомнежите дали се увезувани фалсификувани лекови кои се дистрибуирале во јавното здравство. Се проверува документација за увоз на лекови пред се од Турција.