МВР го демантира Мицкоски дека е следен и оти се подготвува негово апсење


Министерството за внатрешни работи го демантира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој во интервју за ТВ Алфа изјави дека дека полициски службеници го следат од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.

– Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чиј претседател е Мицкоски и токму поради тоа во изминатите две години во Министерството за внатрешни работи се спроведоа и во тек се реформи кои имаа за цел искоренување на незаконитите дејства, стои во денешниот демант од МВР.

МВР, се подлвекува, својата работа ја фокусира исклучиво кон сузбивање на сите облици на криминал, користејќи ги законските можности што му стојат на располагање.

Во демантот, МВР ја информира јавноста и дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на МВР.

Имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за една телевизија вчеравечер изјави дека има информации дека се подготвува и негово апсење. Говорејќи за последната полициска акција во која беа уапсени десетина лица, меѓу кои и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.
„Мислам дека во тие сценарија ќе биде некој план за приведување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на лидерот на опозицијата и другите блиски соработници околу него. Ја користам приликата да апелирам до граѓаните и оние во раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе останат, да продолжат да се борат, да не носат одлуки под емоција“, рече Мицкоски.
Тој тврди дека е предмет на следење од страна на полициски службеници во Министерството за внатрешни работи.
„Имам јасен план во таков случај, свесен сум дека може до тоа да дојде, сум разговарал со луѓе од моето семејство дека со Заев и луѓето околу него сѐ може да се очекува. Па и тоа да дојдат да ме приведат. Ова е апел до луѓето од специјалната единица на МВР кои се вртат околу мојата куќа со изговор дека го набљудуваат училишниот двор во близина на мојот дом. Знам која е целта на оваа деспотска власт“,  рече Мицкоски.