МВР чува 2.268 лица со наредби за самоизолација


Министерот за внатрешни работи, Наке Чулев денес информираше за активностите на МВР за справување со пандемијата, при што соопшти дека поради состојбата со коронавирусот и спречување на ширење на заразата полицијата во овој момент чува 2.268 лица кои се во самоизолација, од кои 1.000  во Скопје.

„ Да се пријавува секое непочитување на препораките за самоизолација како и угостителски објекти и забрана за собири.  СВР Скопје врши контрола на 230 лица за здравствен надзор и на 1.000 лица со наредби за самоизолација. Контролирани се 530 објекти од кои 140 само денес“, извести Чулев.

Тој додаде дека секој кој ќе сака да излезе од држава ќе треба да потпише изјава дека три месеци нема да се врати назад. Исклучок од ова ќе бидат возачите на товарни моторни возила и они кои излегуваат поради здравствени причини.

„На 17 и 18 март поднесени се кривични пријави против 12 лица за пренесување на заразна болест во Струмица и 10 за непостапување според здравствени прописи во време на епидемија”, извести Чулев.Инаку, вчера во земјава влегле 2.017 македонски граѓани и 807 странци, а излегле вкупно 2.278 лица од кои 951 се македонски граѓани, а 1.327 странци. Чулев додаде дека најмногу од овие лица се возачи на камиони.
Во однос на  групата музичари кои се жалеа на сместувањето тој  потврди дека освен нив и едно лице кое им се приклучило по пат,  други лица не пристигнале од Деве Баир. Тој извести исто така дека се засилуваат контролите во Шуто Оризари, каде што според информациите има лица вратени од Италија, иако досега немало ниту една пријава.