„Музиката не познава граници“: Грчките медиуми за историскиот концерт на Солунската филхармонија во Скопје

„Музиката не познава граници“, вели диригентот и го дава темпото. Салата вибрира од звуците на една традиционална песна, позната од двете страни на границата, беспрекорно изведена од Државниот симфониски оркестар од Солун (КОТ), во концертната сала на Филхармонијата во Скопје. Тоа е кулминација на концерт полн со симболика, што Државниот симфониски оркестар од Солун го одржа во саботата вечер – за прв пат во својата 66-годишна историја – во Северна Македонија.
Меѓу стотиците гледачи беше и претседателката на соседната земја, Гордана Сиљановска- Давкова, која изјави дека е трогната и задоволна од концертот и неговата порака
„Длабоко верувам во моќта на културната дипломатија. Сигурна сум дека понекогаш – или веројатно секогаш – оваа форма на дипломатија е поефикасна од традиционалната. Затоа, мислам дека можеби, полека полека преку музиката, ќе сфатиме колку сме слични и дека навистина не постојат пречки што не можат да се надминат“, рече г-ѓа Сиљановска, цитирајќи ја фразата на Ниче: „Без музика, светов би бил грешка“.
„На концерт со интензивен грчки интерес, Државниот симфониски оркестар од Солун гради мостови на квалитет и испраќа пораки за пријателство и соработка преку промоција на грчката музичка култура, овде, во Скопје“, коментираше потпретседателот на КОТ, Андонис Константинидис.
Признати уметници од двете земји заедно со KOT
Програмата на KOT вклучуваше дела од Морис Равел (1875-1937), по повод 150-годишнината од неговото раѓање, како и од неговиот грчки ученик, Емилиос Риадис (1880-1935), по повод 90-годишнината од неговата смрт.
„Равел има многу посебен однос со Грција, па затоа ги одбравме неговите грчки песни. Емилиос Риадис, од друга страна, можеби е најважниот композитор од Солун, а промоцијата на грчката култура поминува и низ неговото дело“, изјави за АНА-МПА Симос Папанас, директорот на Државниот симфониски оркестар од Солун.
Врвни беа и гостите од двете земји кои се појавија заедно со KOT: водечката грчка сопранистка Мирто Папатанасиу и светски познатиот пијанист Симон Трпчески од Северна Македонија.
„Сакавме програмата да има грчка нота. А што е поубаво од тоа да претставиме еден композитор како што е Равел, кој напиша пет песни базирани на грчки традиционални мелодии од нашите острови и други региони, кои јас ги изведувам на грчки јазик. Од друга страна, шесте прекрасни песни на Риадис ни даваат можност да ја истакнеме грчката композиторска страна во странство“, рече Мирто Папатанасиу.
„Музиката ги преминува границите и создава пријателства. Не постои друга сила што може да го постигне ова. Луѓето имаат избор … Можеме да избереме да бидеме среќни, да соработуваме и да ги премостиме нашите разлики. И ова ме прави многу среќен“, нагласи Симон Трпчески.
„Галетеја“ од Риадис, грчките песни на Равел и „раико“ како музички мост на коегзистенција
Оркестарот го диригираше истакнатиот грчки диригент Владимирос Симеонидис. Самиот ја постави операта „Галетеја“ од Риадис, која беше претставена на светска премиера во Концертната сала во Солун пред една година.
„Побарав од Владимирос да создаде симфониска свита, како што е вообичаено кај оперите, за да може оваа музика полесно да патува со симфониски оркестар, без да биде претставена целата опера. Со задоволство го стори тоа, ни го понуди и вечерва за прв пат беше изведено“, објасни г-дин Папанас.
„Многу сум среќен што … мразот беше скршен, односно што можевме, барем преку уметноста, да комуницираат двата народа. Уметноста е алатка за приближување, бидејќи во реалноста, ништо не нè разделува, колку и да звучи клише. Верувам дека денешниот концерт поставува добра основа за понатамошна комуникација со братскиот народ на Северна Македонија. Пораката е јасна: Музиката обединува“, нагласи Владимирос Симеонидис.
Програмата започна со Симфониската свита од операта „Галетеја“ од Ријадис. Потоа следеа петте грчки песни на Равел (во оркестрација на Равел и Розентал), Концертот за пијано во г-дур од Равел, песната „Салоника“ од циклусот „Јасмин и Минариња на Риадис во редакција на Г. Скалиерос, Четири песни за глас и пијано на Риадис (во оркестрација на В. Симеонидис) и „Ла валс“ од Равел – кореографска поема за оркестар.
Сепак, кога публиката аплаудираше со овации на крајот од програмата, диригентот се врати на сцената за да диригира уште едно дело, раико, оркестрирано од Андонис Сусамоглу.
„Раико е традиционално дело што го оркестрирав во минатото за помала група. Но, мислевме дека е идеален мост на култура и пријателство меѓу двата народа. Тоа е музика што ние ја препознаваме како своја, но сигурен сум дека и публиката овде ја препознава како своја традиција. И ова е индикација дека она што нè обединува е повеќе од она што нè разделува“, рече првиот виолинист на Државниот симфониски оркестар од Солун.
Концертот се одржа во рамките на активностите за интернационализација и екстровертност на Државниот симфониски оркестар од Солун, кои се спроведуваат во рамките на Националниот план за закрепнување и отпорност „Грција 2.0“ со финансирање од Европската Унија.