Музика од македонската „Филтер лабел“ се користи во странски реклами


Македонската издавачка куќа и компанија за лиценцирање на музика „Филтер лабел“ склучи неколку договори за интернационален пласман на музиката која ја издава. Основачот на компанијата, Емил Хаџи-Панзов, информира дека склучиле договор за рекламна кампања на „Банк милениум“ за полскиот пазар.
Станува збор за кампања која ќе трае една година и ќе опфаќа повеќе телевизиски, радио и интернет реклами. Саундтракот за сите медиумски претставувања од овој серијал ќе биде песната „Fly Blind“ од проектот Мр. Руиц и Михаел ван Хорен (Mr.ruiZ feat. Michiel van Horen), која „Филтер лабел“ ќе ја објави и како сингл на 21 јуни.
„Деновиве беше потврдено и лиценцирањето на две песни од групата „Џорџ Грант и мајти темпларс“ (George Grant and the Mighty Templars) во апликација на компанијата за иновации во медицината „Медритмс“. Се работи за компанија која со помош на музика и вештачка интелигенција помага за успешно закрепнување на пациенти со претрпен мозочен удар. Нивната апликација „Страјд“ (Stride) ќе ги користи песните „Leaving Not Believing“ и „Move On“ од каталогот на „Филтер лабел“, информира Хаџи-Панзов.
Неодамна, телевизиската мрежа Алџезира го ангажираше „Трипнотик“, проект на Хаџи-Панзов, да ја компонира музиката за нивниот документарен филм „Winter, Leave“.
Филмот ја обработува темата на екстремното загадување во Македонија, а е снимен во напредна 360 техника и го сместува гледачот во средиштето на дејствието.
Овие три последни пласмани се само продолжение на континуираните успеси на македонската издавачка куќа на меѓународниот медиумски пазар. Досега, музиката од каталогот на оваа издавачка куќа е употребена во реклами на „Најк“, „Мекдоналдс“, „Нестле“ и „Филип Морис“, како и повеќе серии и филмови, како „The OA“, „Exatlon“, „Nikita, „CSI: Las Vegas и The Matrix Revisited“.