Музичко патешествие на Влатко Стефановски низ плакати: Од „Леб и сол“ до Стинг


Со ексклузивна музичка изложба на 90 парчиња плакати и постери кои го разоткриваат богатото и разнолико музичко патешествие на Влатко Стефановски низ годините, синоќа, во присуство на бројни гости, во Музеј на град Скопје започна петтиот филмски фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Петдневната филмска програма ќе се реализира во Кинотеката од 3 до 7 септември.

Различни музички состави почнувајќи од Леб и Сол, па се до бројните солистички настапи ширум светот се изложени во Музејот на Град Скопје. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати кои се дел од личната колекција и архива на Стефановски.

Организаторот наведува дека со оваа изложба се прикажува друг аспект од кариерата на Влатко, односно неговиот богат концертен опус со годините.

Гитарскиот виртуоз изјави дека Фестивалот на документарен музички филм му изгледал како интересна можност да сподели со јавноста дел од неговата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од негови концерти и изданија.

– Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што е изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња.

Страв ме фаќа кога гледам назад. Страв ме фаќа од се што можело се случи. Затоа што премногу патувања, премногу превозни средства и премногу искушенија на тие патишта на кои сум бил.  Овде има разни епохи. Плакати од 70-ти, 80 ти , 2000 – та па наваму. Што да ви кажам благодарен сум на Севишниот што сеуште функционирам, изјави Стефановски.

Фото: Борис Грданоски