Музички „Калеидоскоп“ во Филхармонија


„Калеидоскоп“ е насловен концертот, кој на 10 декември (петок) во 20 часот ќе се одржи во Филхармонија. Диригент е Најден Тодоров од Бугарија, а како солист на флејта ќе настапи Дејан Гавриќ од Србија. На програмата се „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски и Концертот за флејта и оркестар во де-мол од Карл Филип Емануел Бах.

Рускиот композитор Модест Мусоргски (1839 – 1881) ја напишал својата позната суита „Слики од изложба“, составена од 10 музички парчиња, во знак на сеќавање на својот пријател Виктор Хартман, познат сликар, архитект и дизајнер, кој починал во 1873 година. Мусоргски го напишал делото во негова чест, а целосното име на композицијата, всушност е „Слики од изложба – сеќавање на Виктор Хартман“. Инспирација за создавање на делото била и изложбата на повеќе од 400 дела на Хартман која била поставена во Академијата на уметност во Санкт Петербург, која ја посетил и Мусоргски.

Концертот за флејта и оркестар во де-мол од Карл Филип Емануел Бах (1714 – 1788) е еден од најпознатите што ги напишал за овој инструмент (напишал шест), иако повеќе пати досега историчарите ја доведувале во прашање автентичноста на ова дело. Верзијата на овој концерт за оргули и оркестар, експертите ја оценуваат како „оригинална“. Концертот претставува фузија на контрапунктскиот стил и оркестарскиот звук типичен за барокот и новите форми на класицизмот. К. Ф. Е. Бах можеби не бил популарен како својот татко Јохан, но овој концерт ја покажува неговата маестралност како композитор со јасен музички концепт и стил. Концертот ја рефлектира неговата специфичност како автор чија музика се инспирира од барокот, но и од класиката. Во исто време овој концерт има призвук и на романтизам и сентименталност, кои посебно се изразени во средишниот втор став.

Дејан Гавриќ е роден во Белград, во 1966 година. Започнал да свири флејта на 11 години, а својот прв концерт го имал само една година подоцна. Од 1984 до 1988 година студира на Факултетот за музичка уметност во Белград. Откако ќе добие стипендија за студии во Есен, станува студент во класата на професор Матијас Рутерс. Дипломира на тамошната академија во 1991 година. Како студент ја добива првата награда на универзитетот Фолкванг во Есен, како и престижната награда на универзитетот во Есен за неговите уметнички достигнувања.

Откако ги завршува постдипломските студии на истиот универзитет во Есен, тој станува и професор. Добитник е на повеќе интернационални награди, меѓу кои и на „Марија Касалс“ во Барселона и „Леонардо де Лоренцо“ во Вијаџо, Италија. За време на студиите во Белград, настапува како солист со Белградската филхармонија и со оркестарот на Белградската радио и телевизија. Настапувал на БЕМУС, на музички фестивали во Хрватска, но и како солист и член на камерни ансамбли во Англија, Франција, Шпанија, Австрија, Италија, Германија, Јапонија, САД.

Работел како прв флејтист во Филхармонискиот оркестар на театарот во Есен, во Новата филхармонија на Вестфалија, во Филхармонискиот оркестар во Грац. Од 2002 година Дејан Гавриќ е вработен како професор по флејта на Високата школа за музика во Мајнц.