Музејот во Јени џамија блесна пред Денот на албанската азбука во Битола

Синоќешното отворање на Музејот во Јени џамија е дел од одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Музејот во Битола


 

БИТОЛА – Бурни реакции во македонската и особено битолската јавност предизвика отворањето на Музејот на христијанското и исламското културно наследство, сместен во Јени џамија во Битола, каде во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална црква „Свети Ѓорѓи“.

Случајно е отворањето на Музејот Јени Џамија во предвечерието на денот на албанската азбука,  категорични се од Завод и музеј Битола.

Јени џамија е сместена во срцето на Битола, спроти градскиот часовник и самиот музејот ги симболизира длабоките темели на катедралната црквата „Св. Ѓорги“ и христијанска некропола кои датираат од 7. до 11. век и високо издигнатата Јени џамија споменик од 16. век.

Реакциите се вжештуваат дотолку повеќе што отворањето се случи во очи Денот на албанската азбука кој денес со низа свечености се одбележува во Битола, особено заради историските врски со Битолскиот конгрес од 1908 година и Музејот на албанската азбука сместен покрај реката Драгор.

Синоќешното отворање на Музејот во Јени џамија е дел од одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Музејот во Битола. Директорот Зоран Николовски синоќа истакна дека археолошките истражувања во Јени џамија започнале во 2003 година и резултирале со целосна реставрација на првиот дел од објектот.

„Овој музеј сега ги отвора вратите за јавноста, овозможувајќи посетителите да ја запознаат историјата која датира од 7. до 11. век, таа катедрална црква по габарит е многу поголема од Јени џамија. Сведоци сме дека имаме застаклени делови пред џамијата каде се гледаат дел од ѕидовите и темелите на црквата“, рече Николовски синоќа.

Отворањето на Музејот токму пред Денот на албанската азбука е коинциденција вели денеска директорот на Завод и Музеј Битола Николовски, во изјава за „Независен“, откако наиде на силни критики од ИВЗ и партии од албанскиот политички блок.

„Отворањето беше во склад со мојот интерен распоред оти отворам три мега проекти за 90 години од формирањето на Музејот на Битола. Јени џамија беше еден од трите проекти. Датумот само коинцидира со Денот на албанската азбука“, изјави денеска Николовски за „Независен“.

За Денот на албанската азбука секоја година во Битола е врвулица од посетители во Музејот на албанската азбука. На празникот Исламската верска заедница и политичката партија ДУИ изразуваат загриженост за одлуката за отворање на Музејот на христијанското и исламското културно наследство во битолската Јени џамија, која по долги години ископувања и реставрирања од вчера повторно е во употреба.

Според ИВЗ, неприфатливо е тоа што не се консултирани за оваа иницијатива ниту, пак, е побарана согласност за трансформацијата на џамијата.

Ги повикаа надлежните органи да реагираат.

„Ние како претставници на муслиманските верници остро се спротивставуваме на оваа иницијатива Јени џамија да се претвори во ‘музеј’ и повикуваме на итен прекин на сите активности поврзани со овој процес. Ги повикуваме државните институции да прекинат со секое законско овластување кое води кон промена на карактерот на овој културен и верски објект“, велат од ИВЗ. ИВЗ со години ја тужеше државата за да ја врати Јени џамија во свое владение, како место за молитва, но ги изгуби судските спорови.

Од ДУИ бараат почитување на културното и верското наследство на секоја заедница во државата, а со тоа и итно прекинување на политичките поделби.

„Одлуките што ги занемаруваат верските и етнички чувства се неприфатливи и немаат место во една демократска и мултиетничка држава. Владата мора одговорно да постапува со цел нејзините одлуки да ги рефлектираат потребите и чувствата на сите заедници на правичен и еднаков начин. Јасно ставаме до знаење дека оваа одлука не е изолиран случај, туку е дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во државата“, велат од ДУИ.

При вчерашното отворање на Музејот, објектот беше најавен како симбол на соживотот во Битола.

Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, синоќа на свеченоста кажа дека овој споменик говори што значи да се биде едно, бидејќи на едно место почиваат темелите на една црква и на една џамија и тука не постои поделба.

„Јени џамија и црквата ‘Св. Ѓорги’ од денеска се Музеј на христијанско и исламско културно наследство. Сите ние како луѓе сме верници без оглед на тоа на кој јазик го молиме Бога, без оглед на тоа со кој збор го ословуваме Бог, дали како Алах или како Господ Исус Христос… всушност сите ние веруваме и како верници треба да бидеме љубов. Под напливот на глобалистичките трендови со кои што некој се обидува да не раздели и да посее семе на омраза, ние треба да застанеме и да кажеме – не, ширејќи љубов“, посочи Трајковска.

Историчарот од Битола, Васко Гичевски за „Независен“ денеска коментира дека „Музејот воопшто не може да биде било каква провокација. Идејата на Музејот како концепт е да ја прикаже слоевитоста на македонското минато и култура“.

„Дополнително, верските објекти немаат национална карактеристика, тие се наднационални. Затоа, како може истиот музеј да биде провокација за Албанците? Зар исламот е право и привилегија само на Албанците? Лично сметам дека таа реакција на ИВЗ која очигледно е во содејство со ДУИ, барем според хронологијата на протестните изјави, не е ништо повеќе освен едно подигрување со здравиот разум и обид за поткопување на и онака кревкиот соживот“, изјави историчарот Гичевски.