Музеј на град Скопје со изложба гостува во Нови Сад

Музејот на град Скопје, по повод 70-годишнината од своето постоење, со изложбата „Скопската тврдина – симбол на градот“, гостува во Музејот на град Нови Сад, Петроварадинска Тврдина.

Изложбата ќе биде отворена вечер, а автори се кустосите Снешка Лакалиска, Драгица Живкова и Игор Кузманоски.

На изложбата ќе бидат презентирани 110 предмети кои ги отсликуваат различните аспекти од животот на Скопското кале во средновековниот и османлискиот период, со акцент на керамичкиот материјал. Изложените предмети го покажуваат богатиот културен живот на Калето, но и влијанијата од развиените средновековни културни центри.

Преку претставените артефакти, културната јавност во Нови Сад ќе има можност поблиску да се запознае со нивната естетска, духовна и практична вредност. Изложбата ќе биде отворена еден месец, до 4 октомври.