Мути ќе диригира со виенскиот Новогодишен концерт на 1 јануари


Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија 2025 година ќе се  се одржи на 1 јануари 2025 година, под диригентската палка на маестро Рикардо Мути во Златната сала на Музиквераин во Виена.

Новогодишниот концерт во 2025 година ќе се емитува во над 90 земји и ќе го следат милиони телевизиски гледачи ширум светот.

Традиционално, МТВ ќе врши директен пренос од концертот во 11, 15 часот, спој на класична музика, балет и гламур. 

Концертот нестрпливо го очекуваат дури и оние кои не се големи љубители на класичната музика и знаат да заплескаат на традиционалниот завршеток во ритамот на Маршот Радецки од Јохан Штраус, кој за првпат е изведен во 1945 година, а по неколку години станува задолжителен дел од бисот и крајот на концертот.
 

Прекрасните балетски точки пак се изведуваат од Виенската државана опера и балет, а од 1980-та традиционално, цвеќињата за украсување на салата ги подаруваше градот Санремо од Италија, а сега веќе неколку години, од градините на Виена.

Италијанскиот диригент Рикардо Мути игра исклучителна улога во историјата на Виенската филхармонија повеќе од 50 години. Уметничката соработка со маестро Мути започна во 1971 година. Оттогаш, тој диригирал над 500 концерти со оркестарот, вклучувајќи шест новогодишни концерти, претплатни концерти на Филхармонија, меморијални концерти, годишни оркестарски концерти на фестивалот во Салцбург, гостувања и турнеи и бројни оперски продукции. Од 2011 година е почесен член на Виенската филхармонија.

Ова ќе биде седми пат да диригира со славниот оркестар, што е рекорд меѓу живите диригенти.