Муслиу: Владеењето на правото да почне со борбата против корупцијата


Владеењето на правото треба да почне со борбата против корупцијата, против организираниот криминал и против неказнивоста, истакна  извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) Алберт Муслиу пред почетокот на Конференција за напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција што се одржува во Скопје.

Според него, во земјава има добра политичка волја да се спроведе борбата против  организираниот криминал и корупција а, како што додаде, дали тоа е спроведено на дело ќе укаже Поглавјето 23 штом ќе почнат преговорите.

-Во таа насока мислам дека сите чинители вклучувајќи ги не само институциите, туку и граѓаните и сите општествени чинители треба  сериозно да се заложат да се промени институционалната посветеност, но и граѓанската свест, рече Муслиу.

Натали Петровска од Коалицијата на здруженија на граѓани –  Сите за правично судење изјави дека на институциите што се задолжени за борбата против организираниот криминал и корупција дефинитивно им е потребно зајакнување и за тоа, како што рече, било фомирано и Специјалното јавно обвинителство.

-СЈО и редовното Обвинителство што гони организиран криминал и корупција во овој момент би требало да се консолидираат и да дадат сé од себе за да ги вгнездат своите заложби во борбата против организираниот криминал и корупција, рече Петровска.

Во таа насока дополни дека во овој момент потребно е да има консолидирање на политичките партии околу законот за јавно обвинителство, со цел непречено да функционираат овие две обвинителства и да постапуваат понатаму по останатите предмети и истраги што се веќе отпочнати.

Министерката за правда Рената Дескоска во своето обраќање меѓу другото посочи дека формирањето на СЈО бил првиот чекор во расчистувањето со организираниот криминал и корупцијата.

-Успешното справување со организираниот криминал и корупцијата подразбира исполнување на неколку базични претпоставки: креирање ефикасна законска рамка, сеопфатна меѓународна соработка и постоење независна институција за борба против организираниот криминал и корупција, рече Дескоска.

Организираниот криминал и корупција, како што истакна министерката за правда, се едни од најголемите зла на денешницата, а нивна основна цел е стекнување големи финансиски профити.

– Скоро секогаш нивните појавни облици се насочени кон поврзување со центрите на политичката моќ, дополни Дескоска.

Конференција за „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупција во пресрет на извештајот на Европската Комисија“ е дел од проектот „Мониторинг и подобрување на капацитетите на институциите во справување со организиран криминал и корупција“ финансиран од Делегацијата на Европската Унија.