Ерол Муслиу: Сите тајни за „Диво насеље“ не се закопани со смртта на водачите на групата


Добиваме нови информации за „Диво насеље“. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на дел од водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

По однос на „Кумановскиот настан“, морам да го кажам ова, констатирана е неискреност кон Јавното обвинителство, додава тој. За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените.

Во врска со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, Муслиу вели дека се направени грешки во раководењето и селекцијата на оперативците кои биле ангажирани. Најнапред е нејасно зошто била инволвирана Агенцијата и нејзини припадници во настани од надлежност на органите за јавен ред. На терен биле испратени припадници со минимално работно искуство во Агенцијата или со штотуку положен приправнички испит. Биле испратени на терен без јасна цел и оперативна подготовка, односно требале да идентификуваат странско присуство на субјекти за кои нема идентитет, опис или фотографија.

Најбитно е дека ние нашата работа ја завршивме, истакнува Муслиу. По однос на двата настана, Агенцијата достави две обемни анализи кои се предадени на јавното обвинителство. Со оглед на фактот што сме опфатени од пандемијата на ковид-19, очекуваме средба со јавното обвинителство по однос на овие настани да видиме како Агенцијата ќе може да помогне во расветлувањето на овие случаи.