Муслиу: Изборите на 5 јули се единствена законска опција


Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, во “Отворено студио” на 24 телевизија со став дека одењето на избори на 5 јули во случај да не биде продолжена вонредната состојба е единствена законска опција во моментот, а уверен е дека во изборниот процес ќе учествуваат сите чинители.

“Уредбата со сила на закон за одложување на изборниот процес никој не ја спореше во моментот кога се донесе. Да имаше некој спор околу уредбата за прекинување на изборниот процес тоа ќе се спореше уште првиот ден. Јасно е дека изборите се одложуваат на неопределено време до прекинување на вонредната состојба. Тогаш немавме реакции. Кога почна да се ближи моментот дека ние реално можеме да влеземе во изборен процес тогаш започнаа препирките дали може или не може. Кај нас ситуацијата е јасна. Прво, Владата треба согласно своите проценки и проценките на Комисијата за заразни болести да предложи дали има потреба од продолжување на вонредната состојба и Претседателот да одлучи. Во случај во недела да нема нова вонредна состојба, ние 22 дена сметано од недела ќе имаме избори и тоа е закон. Ако тоа не се спроведе кој ќе ни објави други избори?

Јас искрено не верувам дека доколку изборите се на 5 јули ние ќе влеземе во изборен процес каде нема да учествува опозицијата. Тие можат да го бојкотираат процесот и ако нивните аргументи се доволно одржани тогаш ќе имаме реакции од нашите меѓународни партнери. Ние сме сепак членка на НАТО, не сме сами на светот. Но, ако нечии аргументи се неиздржани тогаш само тој што не учествува ќе изгуби во целиот процес. Верувам дека сите ќе учествуваат. Од друга страна, во врска со ставот дека е задолжително да се постигне консензус, па изборниот процес го прогласија сите консензуално. Ова се само детали. Предвремени избори беа закажани за 12 април. Ова се тие избори” – истакна Муслиу.