Муслиманите и Евреите заедно во Сребреница го одбележаа Денот на холокаустот


Босанскиот муфтија Хусеин Кавазовиќ и почесниот генераелн советник на Светскиот еврејски конгрес, Менахем Розенсафт (Фото: АП)

 

Евреите и муслиманите од Босна и од странство се собраа во саботата во Сребреница за заеднички да го одбележат Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот и да промовираат сочувство и дијалог среде војната меѓу Израел и Хамас.

Собирот беше организиран од центарот за зачувување на сеќавањето на единствениот признат геноцид во Европа по холокаустот – масакрот во последните месеци од меѓуетничката војна во Босна од 1992 до 1995 година на повеќе од 8.000 муслимански Бошњаци во Сребреница.

Настанот во саботата ја подвлече пораката дека двете заедници го споделуваат искуството од прогонството и мора да останат обединети во нивната посветеност на мирот.

„Босанските муслимани и босанските Евреи се едно тело, нашите врски се сложени, создадени во тешки времиња и времиња на просперитет и интеракција“, рече Хусеин Кавазовиќ, шефот на босанската Исламска заедница, во своето обраќање до група преживеани и потомци на жртвите на холокаустот и геноцидот во Сребреница кои учествуваа на комеморацијата.

„Двата наши народи страдаа и доживеаја обиди да ги уништат и искоренат (и) во сегашниот момент, кога злата на антисемитизмот и исламофобијата се зајакнуваат низ Европа и светот, ние мора да го обновиме нашиот завет да бидеме добри соседи и да се грижиме еден за друг“, додаде тој.

Присуствуваше и Менахем Розенсафт, дете на преживеаните од холокаустот и до минатото лето генерален советник на Светскиот еврејски конгрес. Розенсафт постојано предводеше делегации на еврејски научници и млади дипломати на церемониите за комеморација на масакрот во Сребреница што се одржуваат секој јули во источниот босански град.

„Денес се сеќаваме. Денес тагуваме. Се здружуваме во тага, а нашите солзи стануваат молитви – молитви за сеќавање, но и молитви за надеж“, рече Розенсафт на собирот.

„Оваа комеморација е местото каде што заеднички ќе се обврземе да направиме сѐ што е во наша моќ за да спречиме да се повторат ужасите што ги паметиме денес овде“, додаде тој.

Розенсафт во својот говор потсети на приказните за босанските муслимани кои ги ризикувале своите животи за да ги спасат своите еврејски соседи од нацистите и, околу 50 години подоцна, босанските Евреи кои ги спасувале и се грижеле за своите соседи муслимани за време на внатрешната војна во земјата.

Евреите се населиле во Босна во 15. век откако избегале од шпанската инквизиција. Нивната просперитетна заедница беше десеткувана од холокаустот и денес брои околу 1.000 луѓе.

„Мораме да направиме сѐ што е во нашата колективна моќ да ја промениме иднината, да спречиме понатамошно уништување и насилство и да ги отфрлиме сите манифестации на антисемитизам, исламофобија, фанатизам, ксенофобија и омраза. И ние мора да го сториме тоа заедно“, рече Розенсафт.

Комеморацијата беше проследена со лансирање на муслиманско-еврејската иницијатива за мир и сеќавање во Сребреница, осмислена и потпишана од Розенсафт и Кавазовиќ. На потпишувањето на иницијативата присуствуваа преживеаната од масакрот во Сребреница, Мунира Субашиќ, и водачот на босанската еврејска заедница, Јакоб Финци, кој е роден во концентрационен логор во 1943 година. (АП)