Муслиманите го слават Рамазан Бајрам


Муслиманските верници во Македонија и во целиот свет, денеска го слават Рамазан Бајрам.

Рамазан е најсветиот месец во исламот во кој е објавен Куранот во 610 година. Празникот Рамазан Бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување.

По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.

Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Република Македонија.