Муртезани на состанок на ГАК во Брисел посветен на владеењето на правото на Западниот Балкан


Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел заедно со неговите колеги од Албанија, Србија и Црна Гора ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК), на кој една од точките се и извештаите на Европската комисија за владеење на правото во 2025 година.   

Како што најави Министерството за европски прашања, предвидено е на состанокот да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со Извештајот на ЕК за владеење на правото – судскиот систем, борбата против корупција, медиумскиот плурализам и слободата на медиумите и останатите институционални прашања поврзани со контролните механизми. 

Во Извештајот се посочува дека земјава продолжи да ги спроведува судските реформи и презеде мерки за подобрување на транспарентноста во судството, но остануваат „одредени загрижености“ во врска со одлуките за именување и притисок врз судството.  

– Во тек се процеси на изготвување закони во врска со независноста на судството и автономијата на јавното обвинителство. Ограничените финансиски ресурси доделени на судството продолжуваат да влијаат на неговата финансиска автономија. Иако недостигот на човечки ресурси беше делумно ублажен со нови вработувања, недостигот на персонал останува загрижувачки, се вели во документот.   

Во него се наведува дека продолжуваат напорите за понатамошно подобрување на дигиталните алатки за управување со случаи и судската статистика, но и натаму има предизвици, како што е застарената инфраструктура.   

Комисијата посочува дека измените на Кривичниот законик од 2023 година продолжуваат значително да ги поткопуваат напорите за борба против корупцијата, особено влијаејќи на гонењето на случаи на корупција на високо ниво.   

– Остануваат предизвиците во врска со транспарентноста на сопственоста на медиумите. И покрај одреден напредок во зајакнувањето на правната заштита на новинарите, нивната работна средина не е подобрена, се проценува во документот.  

Во извештајот се додава и дека Владата иницираше мерки за подобрување на соработката со граѓанското општество, кое, пак, посочува на предизвици, вклучително и оние поврзани со говорот на омраза на интернет.  

Инаку, министрите или државните секретари на земјите од ЕУ задолжени за европски прашања на денешното заседание на ГАК, покрај за извештаите за земјава, Албанија, Србија и Црна Гора, ќе расправаат и за општите случувања поврзани со владеењето на правото во членките на ЕУ. 

На состанокот ќе се расправа и за предлог дневниот ред за состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 октомври, а Комисијата ќе презентира и писмо за намери за законодавната програма на ЕУ.

Пред почетокот на состанокот на ГАК, претпладнево ќе се одржи шестата Пристапна конференција Албанија-ЕУ на која ќе бидат отворени четири поглавја од Кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ во преговарачкиот процес и тоа поглавјата 14 – „Транспортна политика“, 15 – „Енергија“, 21 – „Трансевропски мрежи“ и 27 – „Животна средина и климатски промени“. Со ова Албанија ќе има отворено 24 од 33-те поглавја во преговорите.