Муртезани гледа голем револт во партијата на Таравари, очекува нејзино ситнење

Министерот за европски прашања од редовите на коалицијата ВЛЕН, Орхан Муртезани, вели дека според информациите на коалицијата, незадоволството и револтот кај функционерите и поддржувачите на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари ќе продолжат и понатаму.
Тој ова го кажа откако пратеникот од редовите на Алијанса, Салим Сулејмани, објави дека поднесува оставка од сите партиски и од функцијата пратеник во Собранието, што уследи по напуштањето на власта на Таравари.Прашан дали постојат најави останати пратеници да се приклучат кон ВЛЕН, Муртезани вели:
„Мислам дека сите случувања во Алијанса за Албанците предводена од Таравари се знак дека одлучноста на структурите и подготвеноста да не завршат во прегратките на Али Ахмети се многу поголеми од калкулациите на Таравари. Според наши неофицијални информации, тие ќе продолжат, револтот кај сите поддржувачи, симпатизери, функционери таму е многу голем, така што да почекаме во наредните денови мислам дека така тој тренд ќе продолжи.“
Претходно вчера пратеникот Салим Сулејмани од редовите на Алијанса на Таравари објави дека заминува од партијата и од Собранието. Рече дека се кандидирал за пратеник поради чувството на одговорност и желбата за вистинска промена во животот на граѓаните, но дека зближувањето со ДУИ во пресрет на локалните избори донело сериозно отстапување од принципите на кои Алијанса за Албанците била посветена.