Муре: Не размислувајте за алтернатива!


Франција омекнува во својот став дека е рано Македонија да добие датум за преговори за членство во Европската Унија. Заменик-претседателката на францускиот Сенат, Елен Конве-Муре, вчера, на македонските парламентарци и од власта и од опозицијата им порачала дека државата нема друга алтернатива освен полноправно членство во Унијата. Таа посочила и дека транзицискиот период поврзан со промената на внатрешните процедури поврзани со проширувањето на европското семејство ќе траел многу кратко време, но и дека требало да бидат разгледани и реалните состојби на патот кон Унијата.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност Хари Локвенец, по средбата, рече дека главна тема била зачленувањето на Македонија во НАТО, но дека била пренесена и позитивна порака од францускиот претседател Емануел Макрон.

– Пораката беше дека полноправното членство за нашата држава нема алтернатива ни во формална ни во суштинска смисла и дека транзицискиот период поврзан со промената на внатрешните процедури поврзани со проширувањето ќе трае исклучително кратко – рече Локвенец. На средбата, Локвенец посочил дека процесите за суштински реформи на европските стандарди и вредности се и во наш интерес. Но нагласил и дека во Македонија има сили против ЕУ и НАТО.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека пораката била охрабрувачка и дека најголем впечаток оставила пораката „не размислуваме за алтернатива, туку за полноправно членство на Македонија во ЕУ“. Оттаму велат дека високата француска гостинка потенцирала дека треба да се видат реалните состојби на патот кон ЕУ. Тие и посочиле дека во процесот на пристапување кон европското семејство Македонија треба да биде и самокритична. Ја осудиле кампањата против Франција на одредени медиуми и нагласиле дека Македонија треба повеќе да се посвети на домашните задачи, реформи во правото, безбедноста, разузнавањето, корупцијата и криминалот со што државата во поголем дел да сподели од заедничките европски вредности.