Мурати: Висок степен на реализираност на минатогодишниот Оперативен план за вработување


Директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, денеска во рамки на работната посета на Охрид оствари средба со раководителот на Центарот на Агенцијата, Елведина Дика, со која разговараше за реализираниот Оперативен план за самовработување во 2021 година, како и за мерките што во таа насока ќе се преземаат во наредниот период.

Мурати истакна дека Агенцијата бележи висок степен на реализација на мерките предвидени согласно Оперативниот план, конкретно со реализирани 1,5 милијарди денари или 94,6 отсто од предвидените средства.

– Најголема заинтересираност минатата година имаше за мерката за самовработување, односно околу 1.800 невработени лица отворија свои фирми и опстојуваат, па дури со задоволство да кажам дека и ги прошируваат бизнисите со дополнителни вработувања, рече тој.

Мурати најави дека оперативниот план за самовработување ќе продолжи и оваа година, со уверување дека средстватаза таа намена ќе бидат на располагање од почетокот на април.

За 2022 година проектирани се средства во износ од 1,73 милијарди денари преку буџетот на Агенцијата за вработување, а ќе бидат опфатени сите мерки, од самовработување, преку субвенции на плати, обуки за ИТ вештини и слично.

Во Охрид има 2.403 активни баратели на работа, како и 1.827 лица кои се пријавуваат во Агенцијата секои шест месеци.

– Преку Оперативниот план во делот за самовработување минатата година 78 невработени лица од Охрид отворија свој бизнис, 55 невработени добија поддршка преку субвенции на плати, 16 вработувања, како и за останатите мерки како практиканство, обуки за одредени занимања и слично, појасни Мурати.

Според раководителката на Центарот за вработување во Охрид, Елведина Дика, согласно апликациите за самовработување поднесени за 2021 година најголем дел се доделените средства се искористени за отворање бутици, козметички и фризерски салони, како и за бизнис во областа на угостителската дејност.