Мултимедијалниот проект „Ризом-X“ се изложува во КИЦ во Загреб


Мултимедијалниот проект „Ризом-X“ вечер, од 19 часот, ќе биде изложен во Kултурно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб. Креатори на проектот се авторките Вероника Камчевска и Ана Димчевска Семенпеева во соработка со аудио дизајнерот Горан Москов.

„Ризом-X“ е мултимедијален проект, кој низ спацијално аудио-визулени својства ја истражува човековата адаптација низ даденост на реалитети. Авторите ја анализираат интранзитивноста на сликата која може, но не секогаш создава режим на визуелна естетска артикулцаија. Аудио-визуелните елементи на „Ризом-X“ поттикнуваат моторичка активност кај спектаторот која структурализира симулативна состојба на реален елемент преку дијалектички принцип.

Вероника Камчевска (1987) е видео авторка и истражувачка на мултимедијални форми и модели. Како авторка се појавува во мултимедијалниот проект „Ризом-X“ (2022). Кокреаторка е на e-платформата „Covidmembrance“ (2021), која во својата структура интегрира дигитално-визуелни форми, квантитативно-квалитативни вредности на видео арт, дигитален цртеж и дигитална писменост. Соработничка е во делот на видео арт интервенција на мултимедијалниот проект „Капсид i20“ (2020, 2021), Мала Станица, НГМ, Скопје. Во 2021 година учествува на мултимедијалниот фестивал „ALC video art“ во Музејот на современа уметност, MaCA, Аликанте Шпанија. Учесник и соработничка е на мултимедијалниот проект „1/2 Состојба“, изложен во Gallery MC, Њујорк, 2018 година, САД.

Ана Димчевска Семенпеева (1986) е мултимедијална авторка со интердесциплиниран визуелен израз во графика и скулптура. Нејзиниот уметнички интерес го истражува поврзувањето на ликовниот израз во различни медиумски форми. Вработена е во НУ Музеј на Северна Македонија како конзерватор за метал. Досега има реализирано самостојни ликовни проекти и учествувано во домашни и странски групни ликовни изложби и колонии.

Горан Москов (1984) е аудио дизајнер кој работи на арт инсталации, експериментални и документарни филмови. Автор и соработник е на мултимедијалниот проект „Ризом-X“, (2022). Kако главен аудио дизајнер и композитор на оригинална музика работи на мултимедијалната платформа „Covidmembrance“, (2021). Создава звучен дизајн за мултимедијалниот проект „Капсид i20“, реализиран 2020/21 година во Мала Станица, НГМ. Во 2019 година создава оригинална музика за документарниот филм „Медула“. Креира звучна поддршка за уметничкото видео „C/11“, дел од мултимедијалниот проект „1/2 Состојба“, (2018) прикажан во Gallery MC, Њујорк.