Мулина: Ставот на Мадрид кон Македонија нема да се смени – и ако се смени власта
Предвремените избори во Шпанија нема да им наштетат на преговорите на Македонија со Европската унија дури и ако дојде до смена на власта, оцени Игнасио Мулина од Кралскиот институт „Elcano“, кој деновиве престојува на прв билатерален форум во нашата држава.
Според Мулина, премиерот Педро Санчез лично се ангажирал во помагањето на евроинтеграцијата и сакал да постигнеме прогрес, но дури и да не остане на функцијата по изборите во јули – практично на стартот на претседателствувањето на Шпанија со ЕУ- курсот на Мадрид кон нас нема да се смени, бидејќи и лидерот на опозициската Народна партија е исто така проевропски. Мулина наедно најави самит на ЕУ во октомври во Гранада на кој ќе присуствува македонскиот премиер, а дотогаш Шпанија треба да има нова влада.
Околу дилемата треба ли сега Македонија да се натпреварува со Украина, Молдавија и Грузија околу членството во Унијата, Мулина вели дека сега нема таква метафора, дека ова е трка или регата и дека украинската кандидатура, заедно со тие на Молдавија и на Грузија, се позитивни за Западниот Балкан – бидејќи досието за проширувањето досега не беше високо на агендата на Унијата.
-Сега, поради војната и поради тоа што Украина бара брза трака за кандидатурата, прашањето се исполитизира и не е можно да не се стави на агендата на ЕУ. Јас го разбирам стравот: претходно бевте клучни кандидати за членство и долго работите на својата домашна задача, а сега се соочувате со кандидатура на Украина, која е голема држава и може да ве претекне. Лично, сметам дека тоа не е можно, иако некои земји членки, како Полска и балтичките држави можеби ќе го сакаат тоа. ЕУ има 27 земји членки и одлуките се носат со консензус, така што невозможно е Украина да ја претекне Северна Македонија, иако не сум сигурен за другите земји од Западниот Балкан, како БиХ , Косово и Србија, поради нејзините руски врски… Генерално, добро е што благодарение на украинската кандидатура проширувањето сега е многу повисоко на агендата на ЕУ и вие добивте вистински политички моментум, откако претходните две – три години воопшто не разговаравме за проширувањето. Ако ги споредите, од друга страна, големите проблеми со кои се соочува Украина, почнувајќи од тоа дека не си ја контролира територијата, станува очигледно дека овие три земји носат корист за Северна Македонија, а во исто време нема опасност дека ќе ве претекнат. Единствена опасност е ако лидерите на ЕУ почнат да размислуваат дека без Украина имаа шест земји кои сепак не беа големи, а со неа имаат кандидат што е тешко да се „проголта“ од Унијата, па заклучокот да биде дека мораат да направат реформи внатре, па да ве примат во членство. Генерално сметам дека е подобро да ја имате Украина на оваа страна од преговарачката маса отколку воопшто да ја нема, вели Мулина.