„Мулен руж“ слави 130 години постоење


Франција- Француското кабаре Мулен Руж познат по своите танчерки во скудни костими со пердуви, оваа недела слави 130 години постоење.

Во Мулен Руж секоја вечер се нудат две претстави во кои танцуваат и пејат 60 изведувачи од различни земји. Цената на влезници е до неколку стотини евра. Околу 600 илјади посетители, колку што годишно го посетуваат кабарето, и пијат четврт милион шишиња шампањ, не знат дека всушност зад сцената се одвива сосема поинаква кореографија –софистицирана машинерија за измена на костими и сценографија без кои претставата нема да може да се одржи. Целиот тим зад сцена е прецизно органзиран за да сѐ се одвива беспрекорно.

Секој настап вклучува стотици костими, а секоја танчерка во текот на претставата менувамеѓу 10 и 15 костими за кои има просечно по 90 секунди, пред да се врати назад на сцена.

По секоја точка сценариото се повторува. Танчерите брзаат зад сцена каде ги чекаат шарени костими, украсени со светкава бижутерија, потоа високи чизми или чевли, големи долги ленти со пердуви. За тоа време техничарите ја менуваат сценографијата. Потоа танчерите брзаат на сцена, а асистентите ги собираат искористените костими и носат нови за следните точки. Сѐ мора да е неверојатно прецизно, точно и брзо, за да не се задоцни.

Иако многумина сакаат да го посетат ова шоу, сепак постојат и критичари кои тврдат дека овие претстави се сексистички и не се во склад со модерното време, особено затоа што танчерките често настапуваат топлес или во провидни костими.