Мукаетов: Лекови и дезинфециенси има доволно, потребни се мерки за спас на економијата
Смирувачки пораки до граѓаните за снабдувањето со лекови и средства за дезинфекција упати директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервју за ТВ 24. Првиот човек на најголемата македонска фармацевтска компанија исто така порача дека се неопходни итни економски мерки со кои ќе им се помогне пред се на малите и средни претпријатија и на вработените во нив. Тој ги повика партиите да изградат консензус за ова прашање.
Дезинфециенсите не биле сериозен дел од портфолиото на „Алкалоид“ и се произведувале како дополнување на програмата за лекови, рече тој.
„Сосема други компании го креираа пазарот на дезинфециенси во земјава. За жал, одеднаш, веројатно по налог на државите од каде што доаѓаат и забраната за извоз на нивни производи, тие немаа можност да ги покријат нагло зголемените потреби, па на пазарот се создаде дупка, што разбирливо предизвика нервоза кај граѓаните. Ние веднаш се вклучивме, но најважно беше да одговориме на потребите и барањата на државните институции“, истакна Мукаетов.
Тој додаде дека компанијата ги пренаменила капацитетите за производство на шампони.
„Од денеска почна производството на дезинфециенси, односно на ‘Дезитнал’ кој е најбаран производ. Ќе се работи и во сабота и во недела и од понеделник, целата ситуација со дезинфециенсите во целата наша држава очекувам да се стабилизира“, порача Мукаетов, додавајќи дека само во март „Алкалоид“ произвел дезинфециенси колку во 2017, 2018 и 2019 година заедно.
И во однос на снабденоста со лекови граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи компанијата има сериозни залихи, потенцира тој.
„Со сигурност можам да кажам дека ќе ги има четирите групи производи кои ги произведуваме, значи, лекови, дезинфециенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори. Ние сме домаќинска компанија и имаме доволно залихи“, рече Мукаетов апелирајќи до граѓаните да не трупаат непотребни залихи.
„Да покажеме емпатија и солидарност и да купуваме толку колку што ни треба, за навистина да има за сите“, рече Мукаетов, додавајќи дека сите производи на „Алкалоид“, кои не се регулирани од страна на државата, од почетокот на кризата се со намалени цени. Како што е познато „Алкалоид“ ги намали цените на 158 нивни производи.
„Освен лековите на рецепт кои се регулирани од страна државата, се останато што им е потребно на граѓани, како кафетин, аналгин, прокулин, бетадине, витамините, ацерола, ад перлите и тн, како и сите дезинфециенси сметавме дека е добро да ги намалиме цените, како гест со кој ќе покажеме дека сме партнери со нашиот народ. ‘Алкалоид’ постои 84 години и е дел од оваа држава и секогаш била коректен партнер на македонското здравство, на македонската фармација и здрав столб на македонската економија“, рече Мукаетов.
Тој најави дека наспроти компаниите кои отпуштаат вработени, поради мобилност и зголемен ангажман, „Алкалоид“ ќе вработи нови 40 лица.
Осврнувајќи се на економската криза предизвикана од корона вирусот, тој повика на единство помеѓу политичките партии и на брзо носење мерки кои ќе им помогнат на погодените компании.
„И самите партии треба да седнат и да изградат, колку што се може, еден заеднички пристап кон целата криза затоа што е многу важно и тие да покажат еден сигнал кон нашиот народ дека за некои работи мора да бидеме единстгвени“, вели Мукаетов.
„Што се однесува до самите мерки сметам дека по секоја цена мора да се најде форма да им се помогне на оние мали и средни компании чиј бизнис е речиси невозможно да функционира во рамки на една ваква криза. Така што, за мене нема дилеми дека за овие компании, односно за нивните вработени треба да се најде форма да останат на работа. Тоа е нешто што е реално. Тоа ќе чини од аспект на Буџетот на државата, но сметам дека апсолутно треба да им се даде ветер во грб на овие компании“, нагласи првиот човек на „Алкалоид“.
Во однос на ликвидноста, тој смета дека Владата мора што побрзо да ги донесе мерките за да може да побара финансиски средства.
„Парите, од аспект на каматни стапки, за сега се евтини, но побарувачката нагло ќе расте и секој ден доцнење, од аспект на аплицирање за финансирање од разни меѓународни извори, може да доведе да не може така лесно да се соберат тие средства од надвор“, вели Мукаетов додавајќи дека на глобално ниво во наредниот период претстои турбулентен период.
„Треба да се покаже единство, емпатија и солидарност меѓу економските ентитети, врз основа на една заедничка стратегија која ќе покаже каде и како да се преброди овој период кој е една голема непознаница“, истакна Мукаетов.