„Мудис“: Усвојувањето на еврото во Бугарија може да се одложи до 2025 година


Меѓународната рејтинг агенција „Мудис“ го потврди долгорочниот рејтинг на Бугарија во странска и домашна валута со стабилна перспектива, објави Министерството за финансии (МОФ), цитирано од БТА.

Според „Мудис“, Бугарија сѐ уште може да ја исполни својата цел за усвојување на еврото од 2024 година, но во главното сценарио за земјата се претпоставува дека овој процес најверојатно ќе биде одложен најмалку до 2025 година.

„Мудис“ очекува дека енергетската криза во Европа нема значително да ја ослабне економската и фискалната позиција на земјата, прецизираат од бугарското министерство за финансии .

Аналитичарите забележуваат дека преодната влада е ефикасна во зајакнувањето на алтернативните патишта за снабдување со гас преку Грција и Турција, како и алтернативните испораки на природен гас, особено од Азербејџан.

„Мудис“ очекува реалниот раст на БДП да достигне 2,7 отсто во 2022 година, а годинава да забави на 1,4 отсто и вели дека овие проценки се меѓу најстабилните стапки на раст во споредба со другите европски земји оваа година.

Рејтинг агенцијата смета дека инфлацијата во земјата ќе се намали на 6,0 отсто на крајот на 2023 година во споредба со 14,3 отсто на крајот на 2022 година.

На крајот на ноември минатата година, рејтинг агенцијата „S&P Global Ratings“ го потврди долгорочниот и краткорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска и домашна валута „BBB/A-2“. Бугарија се соочува со висока инфлација, што според S&P Global Ratings може да претставува предизвик за нејзиното членство во еврозоната од 2024 година, стои во извештајот.