Муцунски ѝ држи лекции на ЕУ на Харвард
Европската унија мора да се справи со постојните нееднаквости и да ги интегрира земјите-кандидати од Западен Балкан во својата визија за иднината, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во обраќање на панелот „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“ во рамки на 11. Европска конференција на Универзитетот Харвард, насловена „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“.
Како што соопшти ресорното Министерство, Муцунски истакнал дека е неопходно засилување на постепената интеграција на регионот во различни политики на ЕУ, како и продлабочување на соработката во стратешки области како енергијата, климатските промени, одбраната и безбедноста.
Муцунски нагласи дека ЕУ политиката кон Западен Балкан е тест за нејзината глобална амбиција и доколку Унијата има цел да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, таа мора да започне токму од регионот.
„Кредибилитетот на Унијата не се гради само преку зборови, туку со конкретни дела. Европа мора да преземе поголема одговорност за регионот, но истовремено и ние во Западен Балкан мораме да ја разбереме оваа реалност и да го направиме нашиот дел“, истакнал Муцунски.
Коннференцијата на Универзитетот во Хравард претставува еден од најзначајните форуми за трансатлантски дијалог и европски прашања во САД, обединувајќи водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот.