Муцунски во Њујорк се сретна со Гутереш
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вчера во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. На средбата министерот Муцунски ја нагласил значајната улога на ОН во справувањето со комплексните глобални предизвици, вклучувајќи ги вооружените конфликти, кршењето на човековите права, тероризмот, насилниот екстремизам, влијанието на новите технологии и климатските промени, се наведува во соопштението на МНР.
Во однос на Агендата 2030 и одржливите развојни цели Муцунскил нагласи дека овој документ создава рамка за конкретни глобални акции и отвора пат за зајакнување на мултилатерализмот, при што Република Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес во овие напори.
Како нова членка на Советот за човекови права на ОН, министерот Муцунски ја реафирмираше посветеноста на Република Северна Македонија за промовирање на мултилатерални решенија засновани на принципите на Повелбата на ОН, владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права.