Муцунски во Катар на средби со министрите за одбрана и за трговија и индустрија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој престојува во работната посета на Катар, утрово оствари средба со заменик-претседателот на Владата и државен министер за одбрана, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али Ал Тани.
„Разговаравме за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната. Разменивме и мислења за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици. Ја истакнав нашата улога како земја членка на НАТО и ја поздравив улогата на Катар како важен партнер на Алијансата“, информираше Муцунски, притоа додавајќи дека обајцата ја потврдиле заедничката заложба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста, преку зајакнување на дијалогот и унапредување на билатералната и мултилатерална соработка.

Исто така, Муцунски денеска се сретна и со министерот за трговија и индустрија на Државата Катар, шеикот Фејсал бин Тани бин Фејсал Ал Тани. Фокусот на средбата бил ставен на зајакнувањето на економската и трговската соработка помеѓу двете земји.
„Разговаравме за можностите за натамошно продлабочување на билатералната економска и трговска соработка, како и за создавање нови можности за поврзување на бизнис-заедниците на двете држави. Се согласивме дека позитивната динамика во политичките односи треба да биде проследена со поинтензивна инвестициска и трговска соработка, преку конкретни иницијативи. Воедно, разменивме мислења за конкретни области со потенцијал за продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување поактивна соработка“, сподели шефот на македонската дипломатија.