Муцунски во Холандија, се заблагодарил за поддршката

Унапредувањето на билатералните односи, поддршката од Холандија за европската интеграција на државата и актуелните регионални и глобални предизвици биле во фокусот на разговорот помеѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Холандија, Каспер Велдкамп денеска во Хаг.
На средбата, Муцунски изразил благодарност „за принципиелната и континуирана холандска поддршка, како и за значајниот придонес на Холандија како еден од најголемите билатерални донатори во клучни области за земјата“.
„Министерот ја нагласи цврстата посветеност на Владата кон остварување на реформските приоритети и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Во разговорите била потврдена заедничката заложба за натамошно зајакнување на економските и трговските врски, дополнително реафирмирано и на средбата што министерот Муцунски ја имал со холандската бизнис-заедница при посетата на Холандската агенција за претпријатија.