Муцунски пак е во Америка, ќе биде на конференција на Харвард
Само што се врати од САД, каде што беше на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп минатата недела, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пак е во Америка. Според најавата на МНР, тој ќе учествува на Европската конференција на Универзитетот Харвард, со наслов „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“, што се одржува денес и утре во Бостон, САД.
Во рамки на учеството, Mинистерот ќе се обрати на панел-дискусијата „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко“, каде ќе говори за значењето на европската перспектива на регионот, како и за можностите за зајакнување на дипломатската соработка во меѓународниот контекст.
Европската конференција на Харвард е еден од најзначајните настани за трансатлантскиот дијалог со Европа во САД. На годинашнава конференција ќе учествуваат повеќе познати политички личности како Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина, Маргрет Вестагер и Вера Јоурова, две поранешни потпретседателки на Европската комисија, Бенжамин Хадад, министер за европски прашања на Франција, поранешниот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки, премиерот на Белгија, Александ де Кро и други.