Муцунски на маргинални средби во Австралија, состаноците со ЕУ не го интересираат


Продлабочувањето на економската соработка бил фокусот на работната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Австралија. Во таа насока, тој вчера остварил средба со претставници на European Australian Business Council (EABC), водечка платформа за економска и трговска соработка меѓу Европа и Австралија.

На средбата се разговарало за можностите за унапредување на економските односи меѓу двете земји, зголемување на трговската размена и привлекување инвестиции. Посебен акцент бил ставен на потенцијалот за соработка во областите на енергетиката, инфраструктурата и новите технологии.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Владата се силно посветени на привлекувањето нови странски инвестиции. Стабилната бизнис-клима и силната поддршка за странските и домашните компании ја прават нашата држава атрактивна дестинација за инвестирање, не само во регионот, туку и во Европа“, истакна министерот Муцунски.Притоа, тој нагласи дека зајакнувањето на економските и трговските односи останува еден од приоритетите во понатамошниот развој на билатералната соработка меѓу двете земји.

Инаку, македонскиот извоз во Австралија изнесува само 12 милиони долари, а со оглед на оддалеченоста, прашање е и колку инвестори од таа земја би нашле интерес да почнат бизниси кај нас. Но, поради престојот во Австралија Муцунски не беше на министерскиот состанок за Западен Балкан со земјите пријатели од ЕУ, на кој беа и еврокомесарката за проширување Марта Кос и Каја Калас, европскиот шеф на дипломатијата.

Вјоса Османи беше исто така на самитот за АИ што се организираше денес во Париз на кој беше американскиот потпетседател Џеј-Ди Венс , претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот премиер Емануел Макрон, премиерот на Индија, на Хрватска, на Канада и многу дрѕги за да се услогласат околу развојот на најветувачката технологија – вештачката интелигенција. Нашиот, пак, министер за дигитализација отиде на сличен настан во Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, премиерот Христијан Мицкоски најави дека неделава Муцунски ќе оди на Минхенската безбедносна конференција каде се надева дека ќе има средба со бугарскиот премиер, бидејќи водејќи ја надворешната политика без компас и давајќи им предност на партиски потреби сега мора да ја молиме Софија да разговара со нас, место да преговараме веќе со ЕУ.