Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор во МНР, чека Софија да се извини
Според министерот, објавувањето на дипломатската нота е неприфатлив начин на меѓусебно функционирање на две држави
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го повикал вчера бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјаско Радуков, за да му изрази сериозна загриженост по објавувањето на дипломатската нота околу посетата на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски на Бугарија во јануари годинава, со окривање и на лични податоци.
„Јас да бев, мене да ми се случеше ова, ќе се извинев“, порача Муцунски денес на прес- конференција, давајќи отчет за двегодишното работење како шеф на дипломатијата. Според него, ова е неприфатлив начин на меѓусебно функционирање на две држави, нагласувајќи дека дури и во земји што се во војна вакви работи не им се случуваат.
„Станува збор за движење на членови на семејство на високи странски преставници. Никогаш таков документ не излегол во јавност од кај нас. А, може да се случи, но јас прв би се извинил“, рече Муцунски, посочувајќи дека посебен проблем е што беа објавени лични податоци.
Тој притоа соопшти дека го повикал амбасадор Радуков и побарал објаснување како дошло до објавувањето на нотата , но дека досега не добил одговор.
„Го изразивме високиот степен на незадоволство од ваквиот гест“, рече министерот, поентирајќи дека постои цела организирана мрежа особено во онлајн просторот од Бугарија, чии активности се поврзани со спорот што ги имаат со Македонија и дека вклучените во неа сѐ повеќе се занимаваат со нивните семејства.
„Сигурно сте читале дека мојот дедо бил бугарски војник. Дедо ми е починат од 1997 година. Нека нѐ напаѓаат слободно тие портали што шират вакви лажни вести, но нека ги остават (на мир) барем нашите семејства“, рече Муцунски.
Тој соопшти дека за настанот информирале голем број преставници на ЕУ, НАТО, бидејќи станува збор за невиден преседан и за прекршување на сите меѓународни конвенции за дипломатска заштита и комуникација.
На истата прес-конференција Муцунски рече дека секоја форма на вандализам на наша страна е штетна и ја осудува, мислејќи на обвинувањата од Софија за палењето на автомобилите пред бугарската амбасада за што, како што нагласи, власта веднаш излегла со осуда и дејствувала.
Зборувајќи за Акцискиот план за заштита на нмалцинствата, што го бара ЕУ околу преговорите а кој единствена во Брисел го отфрли Бугарија, Муцунски одговори дека станува збор за документ од експертска природа на кој работеле наши и експерти делегирани од Советот на Европа и дека не гледа суштинска пречка, ниту пак таква соопштила Софија. Очигледно, заклучи тој, станува збор за различна интерпретација што се европски обврски на Македонија и дека треба да се најде механизам тоа да се разјасни.
Наспроти тоа, тој сепак оцени дека дијалогот со Софија последниот месец има засилена динамика, дека тоа е добро и дека биле корисни средбите меѓу него и бугарската шефица на дипломатијата, на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со Илијана Јотова, како и на спикерот на парламентот во Софија, но дека толкувањето во Бугарија е дека уставните измени и Акцискиот план не се единствените услови за Македонија за ЕУ.
Според него, сега се движиме по пат (до ЕУ) кој е непредвидлив и дека тоа е „пат по кој оваа влада нема да оди“. Се прават максимални напори , рече тој, да се најде решение кое ќе биде одржливо и достоинствено, бидејќи граѓаните ги избрале за тоа.
Зборувајќи за историската комисија и резолуцијата на ЕП која ја апострофира, Муцунски рече дека доколку таа работи врз основа на факти и документи и доколку се отргне од притисокот на Бугарија може да постигне резултати, но ако се бара да кажеме дека Гоце Делчев, Јане Сандански и други се Бугари, нема да постигне ништо, бидејќи според него тоа се небулози. Факт е, смета тој, дека имаме заедничка историја во некои периоди, како и многу други земји, но наративот дека треба да прифатиме туѓа историја – не е начин на градење на добри односи.
„Со европски дух може многу да направиме. Вака, вештачки ги делиме нашите два народи“, рече Муцунски додавајќи дека е загрижен од овој тренд на ескалација и ултиматуми.
Тој во исто време најави дека е утврден кандидат за нов амбасадор на Македонија во Софија и дека е од редот на професионалниот кадар во МНР. Генерално тој кажа дека во моментов испразнети се 16 амбасади, при што ги вброи како неиспразнети и тие 12 за кои е почната процедурата за праќање амбасадор. Тој во рамките на отчетот за работата соопшти дека остварил 110 работни посети и над 400 средби, а сме биле домаќини на 40 светски лидери, очигледно ставајќи ги на свое конто и активностите на претседателката на државата и на премиерот. (С.Ј.)