Муцунски го брани Трамп, немало корист од конвенционалната дипломатија


 

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во интервју за најголемиот австралиски јавен сервис SBS, се стави на страната на американскиот шпретседател Доналд Трамп оценувајќи дека конвенционалната дипломатија досега не давала резултат.

„Некои можат да ги сметаат методите на новата американска администрација како неконвенционални, но треба да се прашаме – што ни донесе конвенционалната дипломатија досега? Таа ни донесе повеќе војни и повеќе конфликти. Видовме, особено во последните неколку денови, еден ефикасен ангажман од страна на претседателот Трамп и неговата администрација, како и позитивниот прием на овој ангажман од страна на претседателот Зеленски“, изјави министерот Муцунски.

Министерот Муцунски десетина дена престојуваше во Аватралија, посета што според него претставува значаен чекор во зацврстувањето на билатералните односи и продлабочувањето на економската и политичката соработка, како и во унапредувањето на врските со македонската дијаспора. Во разговорите, министерот Муцунски изрази задоволство што е првиот министер кој остварува официјална работна посета на Австралија по цели 15 години, што, како што нагласи, е уште еден доказ за грижата што новата Влада ја посветува на обновување и зајакнување на односите со македонската дијаспора. Оваа посета, додаде тој, коинцидира со значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји.

Во интервјуата, министерот Муцунски говореше за приоритетите на новата македонска Влада во надворешната политика.

„Во делот на надворешната политика, би рекол, имаме три клучни константи. Прво, ние сме земја членка на НАТО. Второ, ние сме земја која претендира да стане полноправна членка на ЕУ и сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. И трето, ние сме една од ретките земји што имаат стратешко партнерство со САД. И мислам дека по однос на сите три клучни позиции, нема некоја отстапка од ставовите на Австралија“, изјави министерот Муцунски.