Муцунски ги викна амбасадорите на состанок во Скопје – за првпат по 2019 година

Муцунски најави дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде професионален дипломат од МНР, Крум Ефремов


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција најави дека утре во официјална посета на Македонија ќе престојува заменик-претседателот и министер за надворешни работи на Република Чешка, Петр Мацинка, со кого ќе разговара за продлабочување на билатералните односи, европската перспектива, економската соработка и актуелните регионални и меѓународни прашања.

Муцунски посочи дека Мацинка ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет, кој во четврток и петок ќе се одржи во Скопје, со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.

– Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во нашата држава, со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва. По повеќе години, нашата дипломатска мрежа повторно ја собираме на едно место за директна, суштинска и стратешка координација. Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Целта е јасна: да направиме пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и, пред сè, да поставиме конкретни задачи за периодот што следува – рече Муцунски.

Според него, Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија, со јасна цел, пресек на сработеното, усогласување на позициите и поставување конкретни задачи за периодот што следува.

– Ќе разговараме за европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење. Но, нема само да анализираме што се случува во светот. Ќе утврдиме што тие промени значат за нашата држава, како влијаат врз нашите интереси и што конкретно очекуваме од секое наше дипломатско-конзуларно претставништво – истакна Муцунски.

Во време на длабоки геополитички промени, растечки безбедносни предизвици и сè покомплексни меѓународни односи, вели, дипломатијата не смее да биде пасивна.

– Потребна ни е дипломатија која предвидува. Која реагира навремено. Која гради партнерства. И која одлучно ги штити националните интереси – порача Муцунски.

Информираше дека амбасадорите и генералните конзули во рамките на Советот ќе имаат директен дијалог со претседателката на државата, премиерот и претседателот на Собранието, што испраќа порака за потребата од институционална координација, јасни позиции и сериозен државен пристап.

– Европската интеграција останува еден од нашите централни стратешки приоритети. Нашата дипломатска мрежа има задача јасно и аргументирано да ги претставува нашите позиции и реформски резултати пред европските партнери. Да бараме фер и предвидлив европски процес, заснован на резултати, европски вредности и взаемна почит – рече Муцунски.

Тој посочи дека еден од главните фокуси на годинашниот Совет ќе биде економската дипломатија, со јасна порака до амбасадорите дека „секој амбасадор мора да биде и економски промотор на нашата држава“.

– Повеќе инвестиции, поголем извоз, нови деловни контакти, нови пазари за македонските компании. Тоа мора да стане мерлив дел од работата на нашите претставништва. Нашите амбасади треба да отвораат врати за македонските компании и добрите политички односи да ги претвораат во конкретни економски можности за нашата земја – порача Муцунски.

Во центарот на работата, додаде, секогаш мора да бидат граѓаните. Според него, дипломатијата има смисла само ако создава конкретна вредност за државата и за луѓето на кои им служи.

– Затоа ќе разговараме за модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, подобрата институционална координација и поблиската комуникација со нашата дијаспора. Нашата цел е едноставна: македонскиот граѓанин, каде и да се наоѓа, да знае дека неговата држава е таму кога му е потребна. Истовремено, ќе ги слушнеме и нашите амбасадори и генерални конзули. Тие најдобро ги познаваат предизвиците на теренот. Сакам отворено да разговараме за тоа што функционира, што мора да подобриме и што е потребно нашата дипломатска мрежа да биде поефикасна, попрофесионална и подобро подготвена – истакна Муцунски.

Тој прецизираше три клучни очекувања од дипломатската мрежа.

– Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити нашите национални интереси, да отвора можности за нашата држава и да им служи на македонските граѓани. Во четврток и петок овие принципи ќе ги претвориме во конкретни задачи, подобра координација и мерливи резултати – порача Муцунски.

Според него, силната дипломатија не се мери според бројот на средби, посетени престолнини или потпишани документи.

– Се мери според интересите што ги штити, партнерствата што ги гради, можностите што ги отвора и резултатите што ги создава за својата држава и за своите граѓани. Надворешната политика е државна политика. И токму таква дипломатија градиме. Модерна и активна. Професионална и самоуверена. Стратешки координирана. Дипломатија која знае кои се нашите интереси и има капацитет да ги застапува. Дипломатија во служба на нашите граѓани, на нашата држава и на нашата татковина – заклучи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. 

Одговарајќи на новинарски прашања Муцунски најави дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде професионален дипломат од МНР, Крум Ефремов, кој според него е еден од поквалитетните кадри и веќе служел во Украина. Тој избегна да коментира дали е соодветно именувањето директор на Градски паркинг за амбасадор во Атина бидејќи според него во моментов името на кандидатот се уште било класифицирана информација.

Информираше дека во моментов од 39 дипломатско-конзуларни преставништа остануваат уште 11 испразнети, но за шест месеци таа бројка ќе се зголеми за уште шест или седум бидејќи процесот е „жива материја“, т.е. едни одат други се враќаат. Исто така се пофали дека дури 60 отсто од именуваните нови амбасадори и конзули се професионалци, дури и над прагот од 50 отсто што го зголеми оваа влада со измените во Законот за надворешни работи. 

Муцунски беше прашан и за препукувањата со опозицијата, дали рекол или не дека има разговори за преговорите со ЕУ „под радарот“, укажувајќи дека тоа е изјава на амбасадорот Михалис Рокас, а не негова и дека тој треба да се праша околу неа. Лично тврдеше дека такво нешто не рекол, па и дека не користи такви зборови, но рече дека од формирањето на сегашната влада има дијалог со сите засегнати страни  и се настапува со истите  позиции: дека треба да ни се обезбеди систем за гаранции околу преговорите, дека е потребен реципроцитет и дека решението  треба да е во рамките на нашата позиција за историјата, идентитетот, јазикот и културата – бидејќи не е праведно нашите преговори постојано да заглавуваат околу овие теми. (Н.Р.)