Му заплениле возило од 250.000 долари по 10 минути откако излегол од продажниот салон


На новопечен сопственик на суперспортскиот „мекларен 600 ел-ти“ канадската полиција привремено му го одзела автомобилот поради пребрзо возење.
Како што јавува CTV News, 39-годишниот возач од Ванкувер сопрен е поради надминување на ограничената брзина само 10 минути откако го купил и со автомобилот излегол од продажниот салон. Полицијата утврдила дека тој возел со 161 км/ч на делница каде ограничувањето е 90 км/ч, па скапоцениот „мекларен“ му е запленет на седум дена.
Освен што некое време ќе биде спречен да ужива во задоволствата од новиот автомобил за кој платил 250.000 долари, тој мора да плати и казна во износ од 360 долари.

„Мекларен 600 ел-ти“ дебитираше лани со 3.8 литарски би-турбо V8 мотор кој произведува рамно 600 коњски сили, додека максималниот вртежен момент е 620 Nm. Автомобилот од 0 до 100 км/ч стигнува за 3,2 секунди, додека за брзина од 200 км/ч потребни му се 9,5 секунди. Максималната брзина е 328 км/ч.