Дали му треба „стража на јазикот“ ќе одлучи Уставниот суд


Фото: Б. Грданоски

Централното претседателство на Демократската унија за интеграции, денеска ќе одржи состанок на којшто ќе одлучува за следните чекори, информираше потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, откако вчера ја започнаа иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

– До 11 декември сигурно остануваме, а за понатаму дополнително ќе се решава. Денеска има состанок на Централното претседателство, има и координација на лидерите од Европскиот фронт каде што ќе се одлучува за следните чекори, рече Османи.

Артан Груби во шаторите пред Уставниот суд (Фото: Б. Грданоски)

Како што посочи Османи, повикот за „Стража на јазикот“ значи одбрана на мултиетничка С. Македонија, бидејќи, како што рече, ова не е само кауза на Албанците.

— Повикот за одбрана на јазикот е до сите, меѓутоа не само на јазикот, туку ова е повик за стража на мултиетничка, демократска и европска Северна Македонија, така што ова не е само кауза на Албанците, овде очекувам секој човек од добра волја, којшто смета дека требаше досега да ги надминеме прашањата кои што се однесуваат на основните права на етничките заедници и да градиме држава и општество кое што цели кон Европската унија, но, за жал, ретроградни сили се обидуваат да не вратат назад, предизвикувајќи го најсветото за граѓаните, рече Османи.

Од ВЛЕН пак им порачаа дека не поминуваат триковите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа.

– Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача денеска Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди, по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција. 

Како што беше посочено на прес-конференцијата, ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот. 

– Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик, рече Имери – Стафаи.

На средбата, додаде, опширно било разговарано за последните случувања поврзани со опозициската ДУИ, која вчера започна иницијатива за одбрана на јазикот со деноноќно присуство пред Уставниот суд, сѐ до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

– На средбата опширно се разговараше за последните настани и реториката на поделби од страна на опозицијата, која наводно под име на заштита на албанскиот јазик се обидува да манипулира со јавното мислење, со сценарија на Никола Груевски од пред 8 години со шаторите пред ДИК. Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон. Корупцијата од 20 години има своја сметка, тоа ви го одзема секое чувство за одговорност и ве прави неподобен за одбрана на националните вредности, порача Имери – Стафаи.

Пред Уставниот суд вчера се собраа активисти на опозициската ДУИ, кои, како што потврди потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, деноноќно ќе останат таму до одржување на седницата на 11 декември.

По 5 години од неговото донесување и во зовриена меѓуетничка атмосфера, уставните судии на седница во среда ќе ги разгледаат 13-те иницијативи со кои се оспорува законот, како и начинот на кој беше донесен. Подносители на иницијативите се граѓани, здруженија, политички партии, меѓу кои и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и универзитетски професори кои укажуваат и на процедурални и на материјални аспекти на неуставност на законот. Меѓу нив е и Тодор Петров, претседателот на „Светскиот македонски конгрес, кој очекува негово поништување, бидејќи како што вели Македонија е унитарна, а не бинационална држава.

Освен тоа што со инцијативи се оспорени скроо сите членови од Законот, оспорен е и начинот на кој тој беше донесен и стапи на сила, без потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов кој оцени дека тој закон е противуставен и ја загрозува унитарноста на државата.