МТСП: Згрижувањето и воспитанието на децата во градинките продолжува непречено


 Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во земјава, во 25 денеска воопшто не се штрајкува, додека пак, во 50 предучилишни установи штрајкуваат само дел од вработените.
 
Овие податоци, според МТСП, укажуваат дека една третина од вкупно вработените во предучилишните установи не го поддржуваат штрајкот организиран од СОНК, што претставува пораст од четири установи за разлика од вчерашниот ден.
 
-Согласно податоците на Министерството кои се ажурираат на дневна основа, се бележи тенденција на пораст на згрижени деца во градинките во текот на денешниот ден. Ваквата состојба се должи на фактот што згрижувањето и воспитанието на децата течеше непречено вчерашниот ден,  со исклучок на една Јавна установа и намален капацитет на згрижување на деца во мал број на предучилишни установи. Исто така, се бележи и благ пад на учесници (вработени и поддржувачи) на штрајкот во предучилишните установи, велат од Министерството за труд и социјална политика.
 
Од Министерството потенцираат дека социјалниот договор продолжува, и оти Владата и МТСП остануваат отворени за изнаоѓање на заедничко најодржливо решение за сите чинители во процесот, а пред се во интерес на заштитата на децата.