МТСП: Законот против дискриминација ќе биде прва задача по изборите


Усвојувањето на Законот за заштита и спречување на дискриминација беше победа за сите граѓани и на еднаквоста, оцени Министерството за труд и социјална политика, посочувајќи дека негова заложба беше не само да се изготви закон усогласен со ЕУ директивите и меѓународните стандарди, туку тој навистина да овозможува еднакви права за сите и ефикасна заштита од дискриминација.

– Со овој закон се овозможува еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Законот, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја прошири заштитата од дискриминација кон сите граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, се наведува во соопштението.

Министерството посочува дека процесот на подготовка на Законот за спречување и заштита од дискриминација бил транспарентен и во него биле вклучени сите засегнати страни, како домашни невладини организации, меѓународни организации и институции, како и дека за него се добиени позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ/ОДИХР.

– Ние веруваме дека државата, со ова ново законско решение, направи значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права. Министерството, во соработка со Националното координативно тело за индискриминација, започна со активности во насока на ефикасна имплементација на законот.

Она што останува како итен приоритет и прва задача за следниот собраниски состав е да го усвои законот и да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за  заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати кои мора да бидат професионални, независни и навистина да делуваат како бранители на еднаквоста на сите граѓани, посочува Министерството за труд и социјална политика, нагласувајќи дека останува посветено на борбата за слободен и достоинствен живот на сите наши сограѓанки и сограѓани.