МТСП и Општина Кавадарци заеднички ќе градат Дневен центар за лица со телесна и ментална попреченост


 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска потпишаа договор за соработка, со цел заедничко учество во проект кој се однесува на изградба на Дневен центар за лица со телесна и ментална попреченост. Центарот ќе биде со капацитет за 24 корисници од Општина Кавадарци. 

Предвидените активности се согласно Програмата на Владата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2023 година.

Изведувачот на градежните работи ќе биде избран во заедничка постапка на двете договорни страни.

Вкупната проценета вредност на проектот е 40,8 милиони денари со вклучен ДДВ. Министерството за труд и социјална политика ќе обезбеди 90 отсто од средствата, а Општината Кавадарци 10 проценти. Вредноста на опремата во Дневниот центар се проценува на 1,7 милиони денари со вклучен ДДВ, износ кој во целост ќе биде обезбеден од страна на Министерството.