МТФ „Војдан Чернодрински“ го започна вториот циклус едукативни театарски работилници


Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ го започна вториот циклус едукативни работилници што, во рамките на претстојниот 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, ги организира во соработка со училиштата од Прилеп.

Во текот на наредните седум месеци, учениците ќе ги изучуваат театарските процеси преку вежби и гостувања на театарски работници, и тоа врз еден од текстовите на Горан Стефановски, како автор во фокусот на 58. издание на Фестивалот што ќе се одржи наредната одина, од 7 до 14 јуни.

На новата театарска едукација која ќе трае наредните шест месеци се придружија пет училишта од Прилеп, а резултатите од сработеното ќе бидат претставени на претстојното фестивалско издание.

На вториот циклус едукативни работилници што ги предводи режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски од „Театар за сите“ од Скопје, ќе учествуваат ученици од прилепските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“, како и од средните училишта „Ристе Ристески – Ричко“, „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.

Во просториите на прилепскиот театар тие ја одржаа првата средба, под менторство на актерите Илија Волчески и Игор Трпчески. Учениците, заедно со нивните наставници-ментори, разговараа и презентираа за театарските процеси.

Во текот на наредните седум месеци ќе се изучуваат театарските процеси (режија, актерство, драмско пишување и драматургија, костимографија, сценографија) практично, преку вежби и гостувања на театарџии. Целата содржина ќе биде работена врз еден од текстовите на Горан Стефановски, како автор во фокус на 58. издание на фестивалот.

-Едукативните работилници на МТФ „Војдан Чернодрински“ се дел од придружната програма на Фестивалот, што оваа реномирана театарска манифестација ја започна годинава, за 57. издание. Мотивирани од големиот успех и интерес што го предизвика кај учениците и наставниците, и годинава оваа активност сакаме да ја надградуваме. Свесни сме колку е важно учениците да бидат вклучени директно во создавање театарско дело, да дишат во ритамот на театарот, да истражуваат, а и особено да имаат можност тоа да го работат со театарски професионалци. Едукативните работилници се мотивирачки и за наставниците, кои изразија волја да ја продолжат работата и ја вклучат во нивната настава, информираат од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.ем/свс

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“