Мртва трка меѓу Пендаровски и Силјановска
Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова влегуваат во финалето од изборниот натпревар за шеф на државата, кога одлучувачки може да бидат гласовите што вчера ги доби третиот претседателски кандидат Блерим Река, кој излегува од трката. Според нецелосните резултати од ДИК, Пендаровски оствари незначителна предност во однос на Силјановска во текот на вчерашното гласање кое, практично, покажа убедливо „водство“ на апстинентите, со оглед на тоа што речиси 60 проценти од вкупниот број гласачи одлучија да не учествуваат во првиот круг од шестите претседателски избори во земјава.
Изборите поминаа неверојатно мирно, со само неколку инциденти и тоа главно поединечни случаи на сликање на гласачкото ливче. Освен тоа, овие избори ќе останат запаметени и по досега невиден слаб одѕив, во споредба со претходните изборни циклуси. Тоа донесе уште поголема неизвесност околу исходот во вториот и одлучувачки изборен круг.
Иако во првото полувреме од изборите, практично, двајца кандидати беа поддржани од водечките партии во албанскиот политички блок (зад Пендаровски застана ДУИ, како и другите партии од владејачката коалиција – Алтернатива и ДПА, а зад Блерим Река – опозициските Алијанса за Албанците и Беса) забележан е мошне слаб одѕив во средини како Тетово, Сарај или Липково… Во Пласница, на пример, е евидентиран рекордно низок одѕив од околу 14, проценти, наспроти 62,2 отсто во Крива Паланка. Ваквите осцилации влијаеја и на вкупниот одѕив, така што првиот круг гласање, според ДИК, заврши со излезеност од близу 42 проценти од 99,5 проценти обработени резултати. Од тоа произлегува дека прагот што треба да се постигне во одлучувачкиот круг едвај беше достигнат во прелиминарното гласање.
Вчерашниот прв круг е уште една потврда за драматичниот пад на мотивираноста на граѓаните за учество во изборниот процес за само една и пол година по последните избори во земјава – локалните во 2017 година, кога беше регистриран одѕив од 58,2 проценти. Одѕивот во текот на вчерашното гласање, всушност, не е многу повисок од тој за време на референдумот, кој се одржа во атмосфера на тивок опозициски бојкот, така што излезеноста беше близу 37 проценти. Во 2016 година, пак, последните парламентарни избори завршија со одѕив од 66,7 отсто.
Во вчерашното прво полувреме, според првичните резултати од ДИК, од 93,6 проценти од гласачките ливичиња и 95,2 отсто од избирачките места, Пендаровски освоил 301.973 гласови, а Силјановска 301.847. Река освои солидна поддршка од над 76 илјади избирачи, но не се пласира во одлучувачкиот круг, кога одѕивот, всушност, ќе биде пресуден дали ќе биде избран нов шеф на државата.
Првичните резултати сигнализираа водство на Силјановска во повеќето скопски општини, како Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба, во кои СДСМ победи на локалните избори во 2017 година, по долгогодишна доминација на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, владејачката партија ја потврди предноста во Центар и во Карпош, како и во Шуто Оризари. Според тоа, Силјановска ја изгуби битката во својата општина – Центар, но и Пендаровски не помина добро во Гази Баба.
Во Битола, и во Прилеп, до доцна во ноќта, како што пристигнуваа резултатите во ДИК, се водеше мртва трка меѓу кандидатите на двете најголеми партии, со благо водство на Силјановска, која поведе и во Охрид. СДСМ и овој пат оствари позначително водство во Струмица и донекаде во Куманово. Но, ВМРО-ДПМНЕ ја поврати предноста во Штип и во Велес.
Силјановска, очекувано, помина најлошо во општините со доминантно албанско население, каде што главниот дуел, всушност, беше меѓу Река и Пендаровски. Во скопски Чаир и во Студеничани Пендаровски оствари водство, но не и во Арачиново, каде што во 2017 година, на изборите за градоначалници, победи кандидатка на СДСМ. Река оствари предност во Тетово и во Гостивар, а Пендаровски во Струга
Пендаровски не го надмина својот резултат од првиот круг на изборите во 2014 година, кога освои над 326 илјади гласа, додека на контото на актуелниот претседател Ѓорге Иванов тогаш легнаа над 449 илјади гласови. Другите двајца кандидати на претходните избори Илијаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ добија околу 39 илјади, односно 31 илјада гласа.
Ниту партиите кои непосредно или индиректно учествуваа на овие избори не успеаја да ги надминат резултатите што ги постигнаа во последниот изборен циклус, ако како пример се земат вкупните бројки од гласањето за советници на локалните избори пред една и пол година. Тогаш СДСМ освои близу 421 илјади гласа, а ДУИ, со која сега настапуваа во коалиција – околу 90 илјади гласа. ВМРО-ДПМНЕ е поблиску до претходниот изборен од 2017 година кога освои 336 илјади, Алијансата тогаш имаше 49 илјади, а Беса 46 илјади.(А.М.М.)
Џафери – „трет кандидат“ во вториот круг
За изборите да бидат успешни, на гласањето за две седмици, односно на 5 мај, треба да излезат најмалку 723.252 гласачи, што е точно 40 проценти од вкупниот број граѓани (1.808.131) со право на глас на овие избори. Досегашната практика главно упатува на поголема мобилизација на гласачкото тело во „првото изборно полувреме“, кога во игра се и повеќе кандидати. Исклучок беа претходните претседателски избори кога во првиот круг излегле 48,8 отсто од избирачите,за во вториот излезеноста да порасне на 54,3 проценти, на што секако влијаеше и паралелното одржување на предвремени парламентарни избори. Затоа, пак, во 2009 година, кога во исто време се одржуваа и локални и претседателски избори, одѕивот во првиот круг беше 56,8 отсто, за во вториот во последен момент да се надмине прагот – со одѕив од 42,6 проценти.
Ако на 5 мај не биде надминат изборниот праг, реални се шансите за одржување на нови избори во догледно време, според досегашните правила, со оглед на тоа што за евентуална промена на изборниот модел се потребни уставни измени, што е процес кој може да трае повеќе од половина година и за што е потребна поопсежна јавна расправа, како и постигнување политички консензус.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави неодамна дека се во игра две опции ако на изборите не биде постигнат потребниот цензус: претседателот и натаму да се избира на непосредни избори, без праг во вториот круг, што значи дека ќе победи оној што ќе добие повеќе гласови или претседателот да се избира во Собранието. Првично, цензусот во вториот круг од претседателските избори беше 50 отсто и тој беше намален пред изборите во 2009 година.
Нема точна одредница кога би требало да се одржат нови избори ако овие не успеат. Според член 81 од Уставот, вториот круг гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Изборот за претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.
Но, со оглед на тоа што не станува збор за престанок на мандатот, туку на актуелниот претседател Ѓорге Иванов мандатот му завршува на 12 мај, според некои толкувања, во овој случај стапува во сила одредбата според која претседателот на парламентот ( во случајов Талат Џафери) ќе ја извршува и функцијата шеф на државата, но не подолго од шест месеци.
Според член 82 од Уставот, во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател функцијата ја врши претседателот на Собранието. Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател ги утврдува Уставниот суд по службена должност. Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување. (А.М.М.)
Фото: Б. Грданоски