МРТ со директен пренос од јуниорскиот Евросонг во Париз


МРТ и Македонското радио ќе вршат директен пренос од јуниорскиот Евросонг во Париз, в недела (19 декември), во 16 часот.

Кристина, Анастасија, Миха и Филип, тинејџерите од популарната телевизиска серија „Дајте музика“ на МРТ,  ќе ја претставуваат Македонија со песната „Green forces“ . Деновиве веќе ја имаа првата проба на евровизиската сцена, а  реакциите за песната, чии автори се Роберт Билбилов, кој ја напиша музиката, и Робин Зимбаков, кој го напиша текстот, се одлични.
Во интервјуто што го дадоа по првата проба, нашите претставници изјавија дека немаат трема и оти испраќаат порака до своите врсници, но и до возрасните, да ја чуваме планетата, зашто таа е наш единствен дом. Сите четворица веќе три сезони се дел од тимот на „Дајте музика“, каде што глумат, играат и пеат, а тоа, како што изјавија во интервјуто, многу придонело да имаат поголема самодоверба и сигурност на евровизиската сцена во Париз.


На годинешниот, деветнаесетти избор, учествуваат претставници на 19 земји, ние настапуваме претпоследни.
Од петок, 17 декември, може да се гласа онлајн, на страницата: Junioereurovision.tv, каде што ќе можат да се изберат тројца фаворити, меѓу нив и претставниците на Македонија.

Онлајн гласањето ќе трае до 19 декември, кога по изведбата на сите 19 песни, линиите повторно ќе бидат отворени 15 минути. Сите гласови од публиката ќе сочинуваат една половина од конечниот резултат, претворени во поени, а втората половина е од гласовите на жирито. Како и досега, песната со најголем број поени ќе победи на изборот.

Учесниците ги облече Јована Филиповиќ, а ги стилизираше Славица-Цаци Паковска.