Мрежата за запознавање „Бамбл“ продадена за 1,3 милијарди долари, над цената на акциите


Апликацијата за запознавање „Бамбл (Bumble)“, којашто стана позната по тоа што бараше од жените први да го направат потегот, е продадена за 1,3 милијарди долари на инвестициската компанија „Итака холдингс“, соопшти „Бамбл“ вчера.

Продажната цена претставува само мал дел – едвај десетина од поранешната пазарна вредност на „Бамбл“, но сепак е значително повисока од тековната цена на акциите. „Бамбл“ и конкурентите како „Тиндер“ се соочија со опаднат интерес за запознавање на интернет, особено кај помладите корисници. За време на првичната јавна понуда на почетокот на 2021 година, „Бамбл“ достигна пазарна вредност од околу 14 милијарди долари. Минатата недела, компанијата вредеше околу 340 милиони долари.

Основачката Витни Вулф Херд, која исто така, учествуваше во основањето на „Тиндер“, сакаше да им ја даде водечката улога на жените во „Бамбл“. Правилото доскоро гласеше – само дамите имаат право да започнуваат разговори. Тоа ограничување беше укинато во август, бидејќи „Бамбл“ се соочуваше со пад на приходите.

Џон Хегеман, поранешен висок раководител во „Мета“ (фирма-сопственичка на „Фејсбук“), е соосновач и со-извршен директор во „Итака“. Компанијата наведува дека нејзината цел е да вложи во компании што ги збогатуваат животите на луѓето во свет изменет од вештачката интелигенција. Хегеман и неговиот партнер-директор на „Итака“, Рави Гупта ќе станат извршни директори на „Бамбл“, се наведува во соопштението на компаниите.