Мразот на Антарктикот на рекордно ниско ниво


Антарктичкиот морски мраз веројатно минатата недела се намалил на рекордно ниско ниво, објавиле американските научници, што е најмала количина забележана во 45 години водење на сателитски записи. Националниот центар за снег и мраз (NSIDC) на Универзитетот Колорадо Боулдер објавил дека антарктичкиот морски мраз во 21-виот век паднал на 1,79 милиони квадратни километри.

Тоа е за 136.000 квадратни километри помалку од претходниот негативен рекорд од 2022-ра година. Научниците од „NSIDC“ нагласиле дека објавениот податок не е конечен со оглед на тоа дека понатамошното топење на мразот во доцната сезона е сè уште можно. Изјавиле дека ќе го објават конечниот број на големината на мразот на почетокот на март.

Топењето на морскиот мраз ги изложува подебелите ледени плочи што го поддржуваат дното на Антарктикот на бранови и повисоки температури. Топењето на морскиот мраз нема видлив ефект врз нивото на морето бидејќи мразот е веќе во океаните.

Морскиот мраз ги окружува огромните ледени плочи на Антарктикот, продолженија на слатководните ледници кои се закануваат со катастрофален раст на нивото на морето во текот на векот ако продолжат да се топат додека глобалната температура расте.

Антарктичкиот циклус минува низ значајни годишни варијации

„Одговорот на Антарктикот на климатските промени се разликува од одговорот на Арктикот“, рекол Тед Скамбос, висок научен соработник на истражувачкиот институт за наука и околина „CIRES“. „Опаѓачкиот тренд на морскиот мраз може да биде сигнал дека глобалното затоплување конечно влијае на мразот околу Антарктикот, но ќе бидат потребни уште неколку години за да бидеме сигурни во тоа“, рекол Скамбос.

Антарктичкиот циклус минува низ значајни годишни варијации – топење на текот на летото и заледување во зима. Континентот во последните четири децении не доживеал брзо топење кое ги погодило ледените плочи на Гренланд и Арктикот поради глобалното затоплување.

Но, темпото на топење од 2016-та година предизвикува загриженост дека би можел да преовладее значаен опаѓачки тренд. Топењето на морскиот мраз е проблем бидејќи помага во забрзувањето на глобалното затоплување. Кога белиот морски мраз, кој одбива до 90 проценти од сончевата енергија назад во вселената, ќе го замени темно, незаледено море, водата наместо тоа ќе апсорбира сличен процент на сончева топлина.

Глобално, минатата година беше петта или шеста најтопла година некогаш забележана.