Мразот ги искрши битолчани, 42 граѓани само утрово се повредиле одејќи за на работа


БИТОЛА – Студот ја окова Битола, а утрово се измерени минус 18 степени, најстудено од почетокот на зимата. Мразот по дворовите и тротоарите на улиците е причина за зголемен број на прегледи и повреди на одделот за Ортопедија во Клиничката болница Битола. Од утрово до 10 часот лекарска грижа кај битолските ортопеди побарале 42 битолчани, а само сабајлево имало 3 хоспитализации.

Од Клиничката Болница Битола за „Независен“ изјавија дека поради повреди причинети од временските услови, скршеници и набиеници од лизгање на снегот и подмрзнатите дворови и пешачки патеки во овој период најчесто страдаат работоспособните битолчани. Кај еден лекар, ортопед , во една смена имало и до 92 прегледи.

„Од 15 до 21 јануари на одделот за Ортопедија имаме 395 прегледи, амбулантни и на одделение, но треба да се напомене дека ниските утрински температури ги имаме од ноќеска, што значи се очекува промена на бројките. Само ова утро имаме над четириесеттина прегледи и 3 хоспитализирани пациенти. Најчесто се повреди на екстремитетите на граѓани кои утрово се подготвувале на работа, па повредите настанале од чистење на скали во дворовите или чистење на автомобилот од снегот и мразот“, потврдуваа од Клиничката болница Битола за „Независен“.

Лекарите забележале дека повозрасните битолчани подобро си го чуваат здравје, засега немаат интервенции за повозрасни граѓани, кои најверојатно не излегуваат од дома без потреба на подмрзнатите улици.

Од Битола ЈКП „Нискоградба“ во изминатите два дена непрекинато работеше за расчистување на снегот низ битолските улици при што од претпријатието ни потврдија дека по улиците се фрлени 60 тони сол и 70 метри кубни ризла.

„Ја следиме состојбата со ниските температури и соодветно реагираме со цел нашите сограѓани да можат непречено да ги извршуваат своите обврски и потреби. Продолжуваме со активности на зимската служба во градот и во руралните средини на општина Битола“, изјави од ЈКП „Нискоградба“ Битола.

Напоредно со коловозите ЈКП „Комуналец“ Битола ги чисти од снегот и мразот и тротоарите и пешачките патеки на мостовите на реката Драгор.

(А.Б.)