Мрачни прогнози за европската економија: Две сценарија на Виенскиот економски институт
Војната во Украина различно влијае на економиите на 23 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Виенскиот економски институт предвидува помал економски раст во Источна и Централна Европа, длабока рецесија во Украина и Русија, а за Македонија годинава предвидува раст од 2,5 отсто

Во пролетната прогноза, Виенскиот економски институт (WIIW), тргнува од таканареченото „статус кво“ основно сценарио и ако војната продолжи да ескалира и Европската унија воведе ембарго на нафтата и гасот од Русија, економијата во Источна и Централна Европа би забележала пад. Во својата прогноза, институтот предвидува економски раст за Македонија од 2,5 отсто за оваа година и 2,7 отсто следната година, а исто толку и во 2024 година.
Ова, сепак, е под просекот на земјите од Западен Балкан, за кои Виенскиот институт предвидува раст од 3,1 отсто годинава и 3,7, односно 3,9 отсто во наредната и во 2024 година
Од шесте земји во Западен Балкан, за годинава се предвидува Србија да оствари најголем раст од 3,6 отсто, Албанија и Црна Гора годинава ќе пораснат за 3,5 отсто, Косово 3,3 отсто и БиХ 1,8 отсто.
Во случај на негативно сценарио, кое предвидува прекин на снабдувањето со руски енергенси, Виенскиот институт за Македонија предвидува пад на БДП за годинава од 0,5 отсто, а цво наредните две години раст од скромни 1,5 односно 2 отсто.
Основното сценарио на институтот за членките на ЕУ од Централна и Источна Европа предвидува раст од 2,5 отсто, а во случај на негативно сценарио блага рецесија од минус 0,9 отсто.
Во зависност од сценариото, Украина и Русија годинава ќе забележат огромен пад на БДП – Украина од минус 38 до минус 45 отсто, а Русија минус девет до минус 15 отсто. Турција, како втора по големина економија во регионот, во најдобар случај би пораснала за 2,7 отсто, а во најлош 2,5 отсто. Украина ќе изгуби една третина до половина од својот БДП оваа година. Во регионите каде што се водат борбите, забележливо е дека економијата е отпорна. Буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 25 отсто од БДП и ќе може да се покрие само со финансиска помош од Западот. Изгледите за Украина се лоши и зависат од понатамошниот тек на војната.
„Дури и во случај на примирје и политичко решение, силен економски раст може да се очекува дури во 2024 година, бидејќи приватните инвеститори полека ќе се враќаат во земјата“, вели економистот на Виенскиот институт и главен автор на пролетната прогноза Василиј Астров.
Русија, според ВИИВ, поради западните санкции, оваа година ќе се соочи со економски пад и висока инфлација од најмалку 20 проценти. Ембаргото на ЕУ за увоз на нафта и гас може да го намали БДП на Русија до 15 отсто и да ја зголеми инфлацијата на 28 отсто. Со тоа би се намалиле буџетските приходи и дополнително би се намалила приватната потрошувачка, што би ја продлабочило економската криза.
„Веќе сега гледаме дека поради санкциите во многу области има проблеми со испораките. Тоа и повлекувањето на многу западни компании, на пример во автомобилската индустрија, сериозно влијае на индустриското производство“, вели Астров.
Нивото на производство во автомобилската индустрија досега е намалено за 50 отсто во однос на лани.
„Дури и во случај на енергетско ембарго, финансирањето на војната би било загрозено само на среден рок, бидејќи руската влада има резерви и фискален простор за спроведување на мерките“, објасни Астров.
Директните последици од војната, за повеќето земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, остануваат ограничени оваа година. Загубите од трговијата со Украина и Русија во просек изнесуваат 0,5 отсто од БДП. Војната во Украина најмногу го погодува тој регион со силен пораст на цените на енергијата и храната, што ги намалува реалните приходи на домаќинствата и со тоа влијае на потрошувачката.
„Доколку имаше ембарго на енергентите, стапката на инфлација во речиси сите земји во регионот ќе беше двоцифрена“, рече Астров, додавајќи дека во Турција, дури и во најповолно сценарио, таа би била 55 проценти.