МПЦ-ОА го чека и официјалниот томос за автокефалност на патријархот Вартоломеј


 

Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска излезе со соопштение во кое изразува благодарност до Српската православна црква, поради заокружување на процесот на помирување, со вчерашното издавање на официјален документ, кој, како што наведува е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.

Во соопштението објавено од Кабинетот на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.

„Известуваме дека во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во иднина, односно кога за тоа ќе биде одлучено, да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат томос од страна на неговата сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности“, се нагласува во соопштението.